Бугарија подготвена да мобилизира 3.000 лица за обезбедување на границите

Бугарија е подготвена да мобилизира до 3.000 лица од армијата и транспортна техника доколку биде побарано да биде зајакнато обезбедувањето на границите, изјави денеска бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов по специјалната средба кај премиерот Бојко Борисов  посветена на бегалците.

Службите реферирале пред Борисов дека ситуацијата во земјата е мирна по судирите со бегалци во Грција во последните денови. И покрај тоа, бугарските власти не исклучуваат нов мигрантски бран.

Каракачанов истакна дека е можно бегалците во Грција и Турција да се користат во предизборни цели заради промена на западноевропските ставови пред изборите во мај.

-Не сакам да има паника, но објективно гледајќи, кога во соседните земји има проблеми, треба да сме подготвени, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Младен Маринов.

– Границата со Турција добро се чува, се почитуваат договорите. Но со Грција е проблем. Точно таму, околу Солун се развиваат тие процеси. Сега жандармеријата е таму, армијата е во состојба на подготвеност, распоредуваме техника и луѓе за да си ја зачуваме државата, изјави Борисов.