Бугарија: Партијата на двајцата поранешни министри веќе е втора во анкетите


Асен Василев и Кирил Петков

Политичката битка во Бугарија пред изборите во ноември добива нова, забрзана динамика. Формацијата на двајцата министри во досегашната службена влада, Кирил Петков и Асен Василев, која е наречена „Продолжуваме со промената“, веќе е втора во истражувањето на јавното мислење, покажува анкетата на „Галуп“.

Според оваа анкета, на прво место е ГЕРБ на поранешниот премиер со 21,4 отсто, а формацијата на Петков и Асенов (досегашни министри за економија и финансии и дипломци на Харвард) има поддршка од 15,2 отсто. Тоа е драматично зголемување на поддршката, затоа што пред десетина дена при најавата дека тие двајцата ќе формираат партија поддршката во анкетите им беше околу 9 проценти.

На трето место е Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 13,4 проценти, а Има таков народ на Слави Трифонов пропаѓа во анектите – сега е четврта со 12,3 отсто поддршка.

Блиску зад нив е најавтентичната од сите протестни партии, Демократска Бугарија, со 12,1 отсто поддршка, па партијата на Турците, ДПС, со 11,4, а на работ да го помине цензусот е коалицијата „Исправи се. БГ! Ние доаѓаме!“ со 4,1 отсто. Националистичко-популистичките партии се под границата на прагот за влез во парламентот.

Од „Галуп“ велат дека се чини оти „Продолжуваме со промената“ најмногу се обраќа до електоратот кој инаку би гласал за Демократска Бугарија. „Многу од гласачите кои се или веќе биле на периферијата на Има таков народ, сега исто така се движат кон новата формација. Дури и поддржувачите на тврдокорната БСП, па дури и ГЕРБ, покажуваат интерес за новата партија“, велат од агенцијата.