Бугарија пак стави вето, Владата одговори дека тоа е неодговорна и тешка геостратешка грешка


Михаил Рот призна дека тој и канцеларката Меркел биле неуспешни да ја убедат Бугарија да ја тргне блокадата

Михаил Рот призна дека тој и Меркел не успеале да ја разубедат Софија. Македонската влада за прв пат многу остро реагираше на бугарската блокада

 

Онака како што најави денешниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, Михаил Рот така и го одјави – Бугарија уште еднаш стави вето за почеток на преговорите со Македонија. По завршувањето на состанок германскиот министер за Европа рече дека блокадата за Македонија за него е „лично разочарување, како и за самата канцеларка (Меркел)“. Тој рече дека биле посветени последниве месеци, „но не бевме доволно успешни“, иако 26 земји биле наспроти една за одлуката за датумот на конференцијата.

Пред почетокот на состанокот Рот беше малку поостар велејќи дека ако не дојде до компромис за одржување на првата меѓувладина конференција тоа „ќе биде тешка политичка грешка со цена по стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан и тоа тешко ќе ја загрози и безбедноста на Европа. За тоа сите треба да бидат свесни“.

По состанокот тој не упати директни критики до Софија, туку повеќе побара од Македонија да не западне во разочарување и дисторзија од европскиот пат.

„Европската комисија предложи преговарачка рамка, прашањето е кога, а не дали таа ќе биде усвоена. Би сакал да испратам оптимизам и прилично сум сигурен дека нашите партнери во Скопје нема да се обесхрабрат. Нема потреба од план Б“, рече Рот.

Овои констатации – не е прашање дали, туку кога – македонските граѓани ги слушаат веќе долги години од политичарите на земјите на ЕУ и од европските функционери и се чини дека сѐ помалку одѕвонуваат во овдешната јавност. Рот рече дека тие разговараат со португалчското претседателство Лисабон да ги продолжи напорите за утврдувањето на преговарачката рамка.

Бугарската блокада не е само за Македонија, туку таа генерално ги блокираше и заклучоците на Советот за проширувањето за Западен Балкан, што значи и за напредокот на преговорите на Србија и Црна Гора. „Ова е горчлив удар за нашата политика кон Западниот Балкан, чија цел е да се поттикне стабилност и демократија, но ЕУ останува посветена да се постигне согласност во наредните денови, најдоцна за време на португалското претседателство“, рече Рот, нагласувајќи дека Берлин ќе продолжи да притиска и наредните денови.

Реакцијата на македонската Влада по овие вести од ЕУ беше поостра од преходните изјави околу разговорите со Бугарија и потребата да се најде заедничко решение од кое ќе имаат корист и двете страни.

„Република Бугарија стави вето на почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската унија и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и сите останати земји членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите“, соопшти Владата.

Понатаму таа ја оцрта линијата која ќе биде основата за натамошните преговори со Софија, без оглед каков ќе биде нивниот резуилтат:

„Северна Македонија никогаш нема да се откаже од правото на самоопределување на македонските граѓани кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор како уставна основа на ЕУ и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија. Македонскиот национален идентитет не беше, не е и невозможно е да биде предмет на преговори. Македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на македонскиот идентитет. Тие доаѓаат од минатото, а во исто време се столбови на нашата европска иднина“, стои во соопштението.

За прв пат Владата јасно соопштува дека блокадата на Бугарија е „неодговорна и тешка геостратешка грешка. Процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија како членка на ЕУ“.

Потоа, оттаму велат дека во март, Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. „Во исклучително позитивниот извештај од Европската комисија за реформскиот напредок ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни. Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската унија“, стои во соопштението од Владата.

Во своевиден одговор на она што го кажа Рот во прес-конференцијата по состанокот, Владата рече дека останува на „истиот стратешки колосек“ – по членството во НАТО земјата да се движи кон ЕУ. (Н.В.)