Бугарија оди од конфузија во конфузија

На Бојко Борисов не му одговара малцинската влада предложена од коалицијата ПП-ДБ, сега сака да прави кабинет со сите други парламентарни партии


 

Политичката ситуација во Бугарија по изборите на 2 април се заплеткува уште повеќе и државата изгледа влегува во нова конфузија од која „излезот“ изгледа пак ќе биде во нови избори, шести по ред за две години. Откако коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија (ПП-ДБ) предложи влада која би работела како малцински кабинет (што од нив го бараше лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисове) за само еден ден ситуацијата повторно се преврте.

Бојко Борисов веднаш изјави дека тој предложен кабинет на експертски личности не му се допаѓа, затоа што во него премиер би бил поранешниот министер за образование во владата на Кирил Петков, Николај Денков, а министер за финансии копретседателот на ПП, Асен Василев. Борисов објави дека ГЕРБ го активира планот Б, што значи дека ги почнува разговорите со другите парламентарни партии БСП, ИТН, ДПС и Преродба и ги прекинува со коалицијата ПП-ДБ, откако со поддршка на формацијата на Петков беше избран нивен пратеник за претседател на собранието.

Бугарските медиуми пишуваат дека не е јасно кои се точно плановите на ГЕРБ – дали ќе предложи малцинска влада или ќе бара „кабинет со личности од сите партии“ со мандат од 6 месеци.

„Тоа е право на ГЕРБ, тие се првата политичка сила, имаат мандат и мора да донесат одлука. Сѐ што побараа од нас, ние направивме. Претставивме кабинет за да имаат комплетни информации и да преземеме одговорност за одлуките на државата“, реагираше копретседателот на ПП, Асен Василев.

Идејата на Борисов е да има влада за шест месеци за да ги донесе државниот буџет, законите според Планот за закрепнување и одржливост, еврозоната и Шенген.

Лидерката на социјалистите, Корнелија Нинова, во нејзината реакција го опиша Борисов како „добар манипулатор“. „Кај нас нема да успее“. Нинова изјави дека БСП нема да биде резервна гума за тротинет“.

Единствениот чија позиција не се менува во оваа криза, туку се засилува, останува претседателот Румен Радев, кој фактички преку техничките влади што тој ги именува владее со државата. (Н.В.)