Бугарија оди на нови избори на 11 јули


Претседателот Румен Радев вели дека постои опасност по 11 јули Бугарија да влезе не само во политичка туку и во уставна криза

Утринава во Софија стана јасно дека Бугарија оди на нови избори, кои претседателот Румен Радев објави дека тие ќе се одржат на 11 јули. Радев претходно ѝ го достави на лидерката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, мандатот за формирање влада, а таа експресно му го врати назад, бидејќи нема подршка во парламентот за составување кабинет.

Пред БСП тоа не им успеа ни на ГЕРБ ни на партијата Има таков народ. Радев изјави дека високо го ценел потегот на социјалистите за враќање на мандатот бидејќи Бугарија имала потреба да изнајде политичка алтернатива на досегашниот модел на владеење. Но, предупреди тој, ако и по јулските избори се дојде до сличен резултат „Бугарија може да влезе не само во политичка, туку и во уставна криза“.

Претседателот ќе назначи службена влада идната недела, а треба и да го распушти собранието. Заедно со распуштањето на парламентот треба да профункционира и новата изборна комисија.

Во исто време ГЕРБ поднесе жалба до Уставниот суд за промените во изборниот законик затоа што биле „донесени за една ноќ, без јавна дискусија“. Промените содржат и решенија во местата со над 300 избирачи задолжително да се гласа со машини, а и да се промени составот на централната изборна комисија, кои ќе ги именува претседателот на државата.

Според последната анкета на агенцијата „Маркет линкс“ расте поддршката за партијата Има таков народ на шоументо Слави Трифонов и таа е речиси изедначена со ГЕРБ на досегашниот премиер Бојко Борисов, чија поддршка се намалува. Мал пораст има и кај другите две протестни партии, а националистите, според рејтинзите, и натаму се под прагот за влез во парламентот.