Бугарија очекува летово да пречека за пет отсто повеќе туристи отколку во 2019 година


Податоците и информациите што ги добиваме за претстојната летна сезона се позитивни и очекуваме да ја надминеме 2019 година со раст од пет проценти, изјави денеска министерот за туризам Илин Димитров, во одморалиштето Албена.

Тој појасни дека тоа била и главната задача на министерството – да се стабилизира секторот и да има раст.

Туристичкиот сектор е многу флексибилен и не толерира вакуум, а пазарите кои беа заборавени се повратија во Бугарија, додаде тој. Според него, многу туристи се очекуваат од традиционалните пазари, но и од оние во развој – Полска и Чешка.

Расте и пазарот во Велика Британија. Германскиот пазар, кој имаше сериозен пад, малку по малку закрепнува, посочи министерот и додаде дека очекува раст од околу 25 проценти во однос на претходната година.

Димитров додаде дека и податоците од аеродромите се добри и очекува релативно долга летна сезона, која како и секоја година ќе трае до крајот на септември. Според него, прашањето не е да се полнат хотелите во јуни, јули и август, туку веќе во мај да има добра исполнетост.

Министерот коментираше и дека предизвик останува добивањето крилја на сезоната. Тој додаде дека ќе апелира до пратениците да го поддржат буџетот на министерството за да може да се обезбедат средства за чартер летови бидејќи, според него, оваа мерка била клучна и всушност ја користат сите соседи.

Министерот кажа и дека е пријатно изненаден од флексибилноста на секторот, кој всушност почнал да работи поинаку и да користи многу повеќе дигитални технологии, да се рекламира, и тоа добро.

Димитров потсети дека земјата ја заврши многу добрата зимска сезона и покрај недостатокот на снег. Според него, во изминатата зимска сезона за девет проценти се надминати нивоата од пред пандемијата во 2019 година.

За време на велигденските празници Бугарија ја посетија повеќе од 100.000 туристи од странство, а голем дел од нив беа и од Романија, додаде министерот.(БТА)