Бугарија обвини руски агенти за експлозиите во воени магацини


Наодите за вмешаноста на руската служба ГРУ ги соопшти јавниот обвинител Иван Гешев

Бугарското обвинителство во средата (28 април) објави дека се сомнева во саботажа извршена од руските разузнавачи од службата ГРУ како веројатна причина за четири експлозии во бугарските воени складишта. Експлозиите изгледаат слични на оние во Чешка, што неодамна доведе до голем дипломатски скандал со Русија.

Според обвинителството, трите депоа имале производи на бугарската компанија за оружје ЕМЦО, наменети за извоз во Украина и Грузија.

ЕМЦО е компанија на бизнисменот Емилијан Гебрев, чија стока, наводно, била во центарот на експлозијата во Чешка во 2014 година, и која беше лично мета на обид за труење со новичок во 2015 година.

Обвинителството соопшти дека се осомничени шест руски шпиони, од кои некои се поврзани со обид за труење на Гебрев, кое во тоа време бугарските власти не успеаја да го испитаат.

Четирите експлозии се случија помеѓу 2011 и 2020 година. Во тоа време, властите ги третираа како инциденти на небрежност или евентуално саботажа од страна на локален конкурент.

Но, сега обвинителството го вели спротивното и идентификуваше заеднички „потпис“: на секоја експлозија ѝ претходеше пожар во близина. Според истрагата, пожарите имале за цел да ги повлечат луѓето од магацините, а после тоа експлозиите биле активирани од далечина.

Обвинителството соопшти дека руските разузнавачки служби се осомничени за саботаѓа на депо на државната воена фабрика ВМЗ „Сопот“ и нејзината фабрика за производство во селото Иганово во близина на Карлово во 2015 година.

Третата експлозија се случи во депо во селото Долни Дол во 2011 година и четвртата во 2020 година, во складиште за капсулни детонатори на фабриката за производство на оружје „Арсенал“ во градот Маглиж.

Досега бугарските власти не дадоа индикации дека сериозно ги сфаќаат експлозиите или обидот за труење против Гебрев. Премиерот во заминување Бојко Борисов го осуди на самитите на ЕУ наводниот руски обид да се отруе критичарот на Кремљ, Алексеј Навални со новичок, но никогаш не го покрена прашањето за сличен обид против неговиот сонародник.

Во 2019 година, поранешниот министер за одбрана Бојко Ноев, критичар на Борисов, јавно ја спомна можноста за руска саботажа во 2015 година во депото на ВМЗ „Сопот“. Тој исто така рече дека експлозиите се совпаднале со посетата на руски државјанин кој дошол во Бугарија две недели пред труењето на бизнисменот Гебрев.

Според истражувачката веб-страница „Белингкет“, експлозиите во Чешка се дел од стратегијата на руската држава да спречи увоз на оружје и муниција во Украина.

За ЕМЦО се вели дека е една од двете компании на ЕУ кои специјализирале производство на најсовремена муниција компатибилна со оружје од советско време, особено во опсегот со голем калибар (од 120 мм до 152 мм).

Според еден од изворите, во 2014 година другиот производител „бил под ефективна руска контрола“, оставајќи го ЕМЦО како единствен странски доставувач на муниција за украинската армија.

Откритијата и истрагата се случија во време кога Бугарија е во политичка неизвесност. Владата на Борисов поднесе оставка по неизвесните избори на 4 април, но формирањето на нов кабинет е малку веројатно и се очекуваат предвремени избори во јули.

Експлозијата во Чешка предизвика невиден број протерувања на дипломати. Бугарија, така, водеше низок профил за ова прашање. (Според агенциите)