Никој во ЕУ не ја поддржува Бугарија за блокадата
За прв пат денеска темата за преговарачката рамка за Северна Македонија се најде на дневен ред на амбасадорите на земјите членки на ЕУ, откако неколку недели се пеглаа ставовите на експертско ниво, јави дописничката на МИА од Брисел.
Дискусијата за проширувањето траела речиси два часа, бугарскиот амбасадор најдолго зборувал, пренесуваат дипломатски извори за МИА. Тој ја изложил бугарската позиција околу усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија, нагласувајќи дека Софија го оспорува краткото име на земјата (Бугарија смета дека земјата треба да се нарекува Република Северна Македонија во официјална комуникација, а не Северна Македонија) како и ословувањето на јазикот како македонски.
Според дипломатите присутни на денешниот амбасадорски совет во Брисел, ниедна земја членка не ја поддржува позицијата на Софија, бидејќи е вон надлежностите на ЕУ и мора да се реши билатерално. Но, потсетуваат дипломатите, правото на вето во Унијата на овие теми е засега неприкосновено, и Бугарија, доколку одлучи може да го блокира усвојувањето на рамката.
Останува отворено прашањето дали тоа би имало последици понатаму за односите на Бугарија со другите земји членки, објаснуваат дипломатите во Брисел.
– Не би имало директни последици, но можеби на Бугарија понатаму ќе и биде потребна помош при некое гласање, глас од некоја земја членка на друга тема, а доколку не покажувате добра волја со своите постапки, тоа си има своја цена, вели за МИА дипломат од една земја членка на ЕУ.
Софија засега настапува „конструктивно“, вели дипломат на друга земја членка на ЕУ со кој разговараше МИА. Софија тврди дека сака да изнајде решение со Скопје и да ги надмине разликите.
Амбасадорите ќе се навратат на прашањето за преговарачката рамка идната недела повторно, со надеж дека ќе има веќе некаков напредок дотогаш помеѓу двете страни, но потсетуваат дека одредени земји членки на ЕУ имаат забелешки на други теми поврзани за реформата на методологијата на преговарачкиот процес.
Во секој случај, од сите извори што ги консултираше МИА, излегува дека сите 26 земји членки поддржуваат одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија пред крајот на годината и покрај тоа што некои од нив имаат приговори за прашањата поврзани за методологијата.
-Но и оние земји кои имаат највеќе резерви за методологијата поддржуваат одржување на првата меѓувладина конференција со Скопје до крајот на 2020, велат дипломатите во Брисел.
Се забележува и поинтензивна дипломатска активност од страна на самите земји членки помеѓу Софија и Скопје, меѓу другото од страна на германската и австриската влада, кои се обидуваат да го помогнат изнаоѓањето заеднички прифатливо решение.
Никој во Брисел во овој момент не може да гарантира дека Софија нема да го блокира Скопје, но кај повеќето земји членки е јасно дека губењето на поддршката на јавноста во Северна Македонија, и генерално во земјите на западниот Балкан, е непосакувано сценарио за ЕУ.