Бугарија нема да попушти под ничиј притисок, вели Кирил Топалов од историската комисија
Ни Макрон, ни Меркел, ни Америка не може да извршат притисок врз Бугарија да носи нелогични одлуки… Македонските историчари ги читаат фактите и истражувањата од бугарската и странската историографија како што ѓаволот го чита Евангелието, вели Кирил Топалов
Доколку се суди по изјавата на Кирил Топалов, бугарски член на мешовитата историска комисија, резултати од нејзината работа нема воопшто да има доколку не се прифатат „историските вистини“ кои ги заговара Софија. Топалов во текст за Бгнес дава свои толкувања за новата пропадната средба на историската комисија и ги потценува македонските историчари за да испрати и порака дека никој не можел да ја присили Бугарија да го промени својот став. Тој вели дека во Македонија се водела „жестока и злобна антибугарска кампања“.
„Бугарија дала и дава безброј докази за добра волја, за желба за плоден политички дијалог, но потребно е да се возврати на ист начин, а не да се води жестока, злобна антибугарска кампања, со која се заблудува македонското општество дека Германија, Португалија, Америка, Макрон или некој друг ќе изврши притисок врз Бугарија и ќе ја присили да носи нелогични одлуки. Како што видовме, дури и семоќната г-ѓа Меркел препорача да се разбереме, бидејќи ова е билатерално прашање и можеме само да се потсетиме дека не е Бугарија, туку РСМ е кандидат за членство“, вели Топалов.
Тој вели дека „некои ја мешаат Европската унија со Советскиот сојуз што ни диктираше не само што да правиме, туку и како да размислуваме. Бугарија е суверена држава и никој не може да ги диктира нејзините одлуки, како што многу сакаат некои некои наши кратковидни роднини преку границата“.
Според Топалов, бугарските членови на историската комисија на почетокот мислеле дека нивните македонски колеги не се доволно историски образовани и имаат малку читано, но потоа сфатиле дека, всушност, причината била политичка – да се блокира работата на комисијата. И дека македонските историчари многу добро ги знаеле фактите кои ја докажуваат бугарската интерпретација. „Тие ги читаат фактите, истражувањата и толкувањата од бугарската и странската историографија како што ѓаволот го чита Евангелието. Го поминавме времето во кое тие очигледно сè уште живеат“, вели професорот Топалов.
Тој дава и некои детали за последната средба на историската комисија. „И кога видоа дека ситните балкански трикови со кои политичарите го измамија своето општество не можат да им се спротивстават на доказите на сериозната наука, тие направија ‘поголем’ обид да ја елиминираат доказната вредност на неоспорните историски факти – тие го прифатија знамето на тнр. ‘мултиперспективен’ поглед на историјата. Вчера и претходниот ден, наместо да направат уште еден обид да дојдат до прифатлив текст за нивните учебници за суштината на царството на Самуил, за Григор Парличев и Гоце Делчев, тие ни доставија апстрактен и нелогичен текст за објаснување за овој ‘мултиперспективен’ историски пристап. Тоа е – вие си велите дека Самуил е бугарски крал, ние ќе продолжиме да ги учиме нашите деца дека тој е Македонец и ги поробил Бугарите, Грците, Албанците и другите околу вас, а вие сте Турци, Татари, Монголи, фашисти, окупатори и сè најстрашно што може да се замисли и така историската вистина ќе биде заштитена“, пишува Топалов.
Тој мислел да цитира „неколку шокантно смешни дефиниции во овој текст за мултиперспективноста“, но се откажал од тоа „од почит кон нашите колеги и со надеж дека во одреден момент ќе разберат дека ќе ѝ помогнат на својата земја само доколку се придржуваат барем на некои основни историски вистини“.
Топалов (кој е потомок на бегалци од Дебар) уште вели: „Низ срцата на една третина од бугарското население тече крвта на оние Бугари кои загинаа за слободата на Македонија за време на Илинден, Охридско-дебарското, Кресненско-разлошкото и ред други востанија, како и на фронтовите во двете балкански и Првата светска војна, водени од бугарскиот народ за ослободување на Македонија. И ние, нивните потомци, никогаш нема да прифатиме дека нашите дедовци не биле Бугари, не зборувале бугарски јазик и не ги дале своите животи со јасна бугарска национална свест“. (Н.В.)