Бугарија нема да ја блокира Македонија во ЕУ, тврди Плевнелиев

Поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, смета дека Бугарија нема да ја блокира првата меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ, како што пред неколку дена најави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, доколку не се решат историските прашања во Мешовитата експертска комисија.

„Некои политичари можат да кажат што мислат, но тоа не е вистината“, вели Плевнелиев за ТВ 24.

„Јас мислам дека тоа нема да се случи. Бугарија секогаш ја поддржувала РСМ на нејзиниот мирен, демократски и европски проспротет. Агендата на Софија, кога Бугарија беше претседавач со Унијата, го отвори патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Бугарија прва ја призна Македонија. Ние сме братски народ. Некои политичари ќе можат да зборат како ќе решат, но вистината е дека Бугарија е голем адвокат на соседите. Ние сакаме просперитет, а тоа е возможно само со влез во ЕУ“, изјави Плевнелиев.

Сепак, тој додава дека прашањето околу несогласувањата за Гоце Делчев мора да се реши.

Ангел Димитров, пак, кој е член на Комисијата, за Бугарското Национално Радио изјави дека нерешеното прашање не е само билатерален спор, туку е и европски. Димитров ги повика членовите на македонскиот тим „правилно и објективно да ја информираат политичката елита за работата на Комисијата“.

Кон крајот на минатата година, на барање на македонската страна, беше побарана привремена пауза во работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања поради изборите, кои потоа беа одложени поради ковид-кризата.

Комисијата заглави на прашања за Гоце Делчев и за други личности и настани од крајот на 19 и почетокот на 20 век, кои Бугарија потоа ги издигна на највисоко политичко ниво и ги постави како услов без чие исполнување нема да дозволи напредок на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.