Бугарија на чекор конечно да формира влада
Средбата траеше само неколку минути и тоа уште еднаш го одрази студенилото меѓу клучните актери во бугарската политика.
Мандатарот за состав на бугарската влада, Николај Денков, кандидат од коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија, отиде на претседателот Румен Радев да му ја врати папката со мандатот пополнета со новите министри кои произлегоа од соработката со ГЕРБ.
Радев, како и при врачувањето на мандатот, демонстративно одбегна да се ракува со Денков и само рече дека указот ќе го издаде најбрзо што може.
При предавањето на папката Денков изјави дека очекува указот да биде издаден без одложување за потоа да има мирно предавање на власта од службениот кабинет на редовниот.
Новата влада ќе предложи својот предлог-буџет за 2023 година, најави Денков. Од неговиот изјава се дозна дека стремежот е буџетот да има помал дефицит во однос на предлозите на привремената влада (6,4%).
Според договорот за формирање на владата, таа би требало да трае 18 месеци. Во првите девет месеци премиер ќе биде Николај Денков, а Марија Габриел од ГЕРБ ќе биде вицепремиер и министер за надворешни работи. Во вторите девет месеци тие ќе ги променат местата. ПП-ДБ и ГЕРБ имаат 132 пратеници во 240-членото собрание, што е доволно за да се избере владата, ако сите од нив гласаат за неа.
Претседателот на собранието, Росен Желјазков (ГЕРБ) за утре (вторник) свика итно заседание на парламентот за избор на владата. Ако дотогаш стигне указот на Радев. Со тоа би престанало 10-месечното владеење на техничкиот премиер Галаб Донев.