Бугарија може да достигне највисока стапка на смртност во светот


Очекувањата на Националниот завод за статистика се дека 121.000-125.000 Бугари ќе умрат во текот на годината. Ова е за 13-16 илјади луѓе повеќе отколку во 2019 година

 

(Од нашиот дописник)                                                                                                  Јовка Димитрова

СОФИЈА – Вкупната стапка на смртност (crude mortality rate) за 2020 година во Бугарија ќе достигне 1,74% – 1,78%. Ова е прогноза на поранешниот бугарски премиер и економист Иван Костов. Според него, со овие нивоа Бугарија ќе биде прва во светот според смртноста за последната деценија во статистиката на ООН.

Очекувањата на Националниот завод за статистика се дека 121.000-125.000 Бугари ќе умрат во текот на годината. Ова е за 13-16 илјади луѓе повеќе отколку во 2019 година.

Според Иван Костов, рекордната смртност се должи и на епидемијата на корона вирусот и на лошото управување со здравствената криза. Во анализа објавена на веб-страницата „Медиапул“, економистот проценува дека бројот на жртви на Ковид-19 може да достигне 8.000 до крајот на годината. Според официјалните податоци, 6.005 лица починале од инфекција до 16 декември, со највисока стапка на смртност во ЕУ со 26,8 на 100.000 жители.

Во својата анализа Костов зборува и за 5.500-8.000 смртни случаи, за кои не е утврдена причината.

Статистичарот Бојан Јуруков предупреди и на зголемување на смртноста кај сите возрасни групи, но особено кај онаа над 70-годишна возраст. „Смртноста помеѓу 50 и 80 години е дури и поголема од најсериозниот  врв во последните 10 години“, напиша тој во својот блог.

Според Иван Костов, рекордната смртност во Бугарија во 2020 година може да се должи на повеќе причини: несигурност на официјалните податоци за жртвите на Ковид-19, самолекување поради недоверба во здравствениот систем, лоша организација во болниците, поради што повеќе луѓе починаа од други болести, како и лошата здравствена состојба на бугарското население.

Поради проблеми со управувањето на кризата и голема смртност, Костов ги советува луѓето да изберат живот со вакцинирање.

Во меѓувреме, владата во вторникот го покажа првиот привремен пункт за вакцинација поставен во Софија. Сместен е во комбе и има кауч, фрижидер и табли за информации за вакцините. Две амбуланти ќе бидат подготвени да им помогнат на оние кои имаат потреба.

Засега нема да работи, бидејќи ЕУ сè уште нема одобрено вакцини против инфекцијата за употреба во Унијата. Првата лиценца се очекува на 21 декември, а втората на 12 јануари.

Привремените пунктови ќе бидат инсталирани пред здравствените инспекции и пред големите хипермаркети. Планирано е да има три пункта во Софија, каде што живеат речиси 2 милиони луѓе. Досега не е објавено каква ќе биде организацијата надвор од главниот град.

Министерот за здравство Костадин Ангелов најави дека привремените пунктови ќе ги вакцинираат вработените во здравствениот систем надвор од болниците – матични лекари, стоматолози и фармацевти. Тие се во првата приоритетна група поставена од владата. Според истражувањето, помалку од половина од медицинските лица се подготвени за вакцинирање, а некои од нив својата желба да почекаат ја објаснуваат со недостиг на доволно информации за дејството на вакцината.

Според стратегијата за вакцинација во Бугарија, по медицинските лица, инјекции против Ковид-19 ќе им бидат дадени на жителите и вработените во домовите за стари лица, потоа на наставниците и работниците во енергетиката, комуналните услуги, фарми за визони и полицијата. Луѓето постари од 65 години, кои имаат најголем ризик од компликации и смрт се во четвртата група, заедно со оние кои страдаат од хронични заболувања. Досега, властите не прецизираат кога 4-те вакцини што ги нарачале ќе бидат аплицирани кај групата со најголем ризик. Според одлуката на Националното собрание, Бугарија ќе купува од вакцините на „Фајзер“, „АстраЗенека“, „Санофи“ и „Џонсон и Џонсон“.