Бугарија: Марија Габриел ќе предложи експертска влада со мандат од една година


 

Кандидатот на ГЕРБ за иден премиер, еврокомесарката Марија Габриел, денеска ги отвори картите и најави дека в понеделник ќе предложи експертска влада со мандат од 1 година. Според неа, првите разговори ќе бидат со социјалистите од БСП, затоа што со нив имале најголеми разлики. Таа утре од претседателот Румен радев треба да го добие мандатот за составување влада.

„Барав одговори дали на Бугарија ѝ треба редовна и работна влада? Одговорот е да! Успеавме ли да идентификуваме заеднички приоритети со сите пратенички групи? Одговорот е да! Прашањето е во каков формат. Ја прифатив номинацијата затоа што ја знам работата на европските институции. Приоритет е Бугарија. Утре ќе предложам разговорите да продолжат со цел да се формира експертска влада за една година врз основа на приоритети“, изјави Габриел.

Претходно за бТВ Корнелија Нинова, лидерката на БСП, објасни дека веќе добила телефонски повик од Бојко Борисов за средба во понеделник. За Нинова најголемата линија на поделба е поврзана со визијата за идниот буџет. Според неа, , доколку се предложи финансиски план со дефицит од 3 отсто, тој ќе биде поврзан со кратење на трошоците, а ќе нема зголемување на минималната плата, породилно и сл. социјални плаќања. Според БСП, разумниот дефицит треба да биде до 4,5 отсто од БДП.