Бугарија, Македонија и Црна Гора го забраниле прелетот на авионот на Лавров


Сергеј Лавров

 

Доаѓањето на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, во Белград е под големо прашање, бидејќи летот на неговиот авион бил забранет од Црна Гора, Македонија и Бугарија, неофицијално дознава „Новости“.

Тоа на дело ги потврди зборовите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој јавно објави дека работите се компликуваат во врска со планираното доаѓање на министерот за надворешни работи на Руската Федерација, пишува „Новости“.

Руската амбасадорка во Елеонора Митрофанова ја потврди таа вест за ТАСС. „Можам да потврдам дека бугарските власти не дозволија да лета авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој требаше да отиде во Србија, летајќи низ воздушниот простор на Бугарија“, рече Митрофанова.

Радио Слободна Европа јави дека Министерството за надворешни работи на Македонија потврдило за нив дека нашата земја го одбила барањето на Москва да обезбеди прелет на авионот на рускиот шеф на дипломатијата. Македонија воведе воздушни санкции за Русија усогласувајќи ги со ЕУ уште на 28 февруари, четири дена по инвазијата на Украина.

И премиерката Ана Брнабиќ изјави дека ситуацијата околу пристигнувањето на Сергеј Лавров во Белград е „исклучително комплицирана“ и додаде дека со логистиката на неговото патување се занимава претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Лавров на 6 и 7 јуни ќе престојува во Белград и ќе се сретне со српскиот претседател Алесандар Вучиќ, министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ, претседателот на Собранието Ивица Дачиќ и патријархот на СПЦ Порфириј.

Шефот на државата поради новонастанатата ситуација во понеделник во 10 часот во зградата на Претседателството на Србија ќе се сретне со рускиот амбасадор.