Бугарија контрапродуктивно ги брани своите интереси, вели белгискиот професор Детрез
„Од Софија понекогаш се бара само внесување на Бугарите во Уставот, понекогаш се појавуваат три услови, друг пат пет-шест. Како да станува збор за некаков недовршен автопат. Некои барања се оправдани, но барањата во однос на идентитетот, историјата и јазикот се апсурдни и изгледаат неразбирливо, вели професорот Рејмон Детрез
Едноумието за македонското прашање во Бугарија е задушувачко. Секој што има поинакво мислење е „национален предавник“ или „колаборационист“, вели познатиот историчар од Белгија, професорот Рајмонд Детрез во разговор за бугарската редакција на Дојче веле. Детрез кој е основач на Центарот за југоисточно-европски студии на Универзитет во Гент, Белгија, и автор на повеќе книги посветени на Балканот, исклучително добро го познава бугарското општество. „Во Бугарија, всушност и нема дискусија, освен меѓу радикалните и порадикалните“, оценува Детрез.
Во разговорот, осврнувајќи се на тврдењата на Софија во спрот со Македонија вели дека „Бугарија понекогаш прилично кусогледо и контрапродуктивно ги брани своите интереси. На пример, тврдењето дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав ги гарантира нивните права веднаш го наметнува прашањето како тогаш се гарантираат правата на малцинствата во Бугарија, чиј устав не споменува ниту едно малцинство. Бугарскиот устав ги признава индивидуалните граѓански права, но и македонскиот Устав го прави истото. Членот 9 вели дека ‘граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, без разлика на пол, раса, боја на кожа, национално или социјално потекло, политичко или верско мислење’“, вели Детрез.
Според него, овој член ги штити Бугарите во Северна Македонија на ист начин како што се заштитени Турците во Бугарија и вели: „Кога Бугарија инсистира дека има Бугари во Северна Македонија, заедно со Албанците, Турците, Власите и другите, нели се откажува од идејата дека Македонците се всушност Бугари? Или има два вида Бугари?“
Детрез е на тврдење дека Бугарија не треба да прави никакви отстапки за историските прашања. „Укинувањето на ветото не значи дека Бугарија се откажува од Цар Самуил или од Гоце Делчев или од својата историја. Бугарската историска наука може да продолжи да се држи до своето мислење за сите прашања што се однесуваат на Македонија и Македонците. И што ако за тие нешта во Северна Македонија тврдат нешто друго? Уште во 1860-те, според Петко Славејков, ‘македонистите’, кои постојат многу пред Коминтерната и Тито, сметале дека Бугарите се ‘Татари’. И каква штета претрпе Бугарија од тоа тврдење и кој надвор од Бугарија воопшто обрнува внимание на тоа? Ако ме прашате мене, од таквите навреди најмногу треба да бидат погодени Tатарите“, вели белгискиот професор.
Околу барањето на Софија за бришење на одредницата „бугарски фашистички окупатор“ Детрез вели: „Прво да разјасниме едно: Македонците не тврдат дека Бугарите се фашисти, туку само дека имало фашистички окупаторски војски. Овие војски и во Бугарија за време на Втората светска војна официјално се нарекуваат ‘окупаторски’. Јас никогаш не сум мислел дека во Бугарија постоел фашистички режим, но самите Бугари 45 години инсистираа дека постоел монархо-фашизам, а некои и денес го тврдат тоа. Само погледнете наоколу и ќе видите колку споменици има за ‘борците против фашизмот’, а има и споменици на советските ‘ослободители’. Од што ги ослободувале тие Бугарите, ако не од фашизам?
Бугарија е сојузник на фашистичка Италија и Германија. За ‘ослободувањето’ на Македонија им се благодари на царот Борис III и на Хитлер. Не мора неизбежно да си Македонец за да го воочиш тогашниот бугарски режим како фашистички. Ако Бугарите се толку желни да не ги сметаат за фашисти, дали беше соодветно бугарскиот културен клуб во Битола да се нарече ‘Иван Михајлов’? Софија не мора нужно да се придржува до мислењето на Македонците, но европските партнери треба само да кликнат на неговото име на ‘Википедија’ (дури и бугарската) за да наидат на еден извршител на убиства и терористички напади, личност која одржува врски со Хитлер и Мусолини и е личен пријател на Анте Павелиќ. Што и да бил Иван Михајлов за Бугарите, кога се бара поддршка од европските партнери за бугарската кауза, попаметно ќе беше да се избере име на помалку компромитирана личност. Во Европа веќе не важи ставот дека можеш да правиш убиства во име на нацијата. Од таа гледна точка, споменикот на Солунските атентатори во центарот на Скопје е исто толку неумесен“, нагласува професорот.
Тој вели дека ги разбирал емотивните врски на Бугарите со Македонија затоа што со години се занимава со Балканот и ги познава овдешните чувствителности. И меѓу Французите и Германците има многу чии прадедовци ги дале своите животи за „националната кауза“ во војните што се воделе неколку векови. „Дали да го надживееш тоа чувство е национално предавство или разумна, морално оправдана одлука?“, прашува Детрез и додава дека друга причина за овие силни емоции е фактот што на Балканот историјата сè уште се злоупотребува за патриотско, ако не и националистичко, воспитување на младите.
Детрез слушнал дека бугарските историчари сега ја навеле како спорна личност и Крали Марко. „Се надевам дека ова е само шега“, вели белгискиот професор.
Тој има свое објаснување за барањата на бугарските граѓани и политичари од Македонија. „Понекогаш само внесување на Бугарите во Уставот, понекогаш се појавуваат три услови, друг пат пет-шест. Како да станува збор за некаков недовршен автопат. Некои барања се оправдани, но барањата во однос на идентитет, историја и јазик се апсурдни и изгледаат неразбирливо, дури и смешно во очите на западноевропејците“.
Детрез мисли дека може да се најде дипломатски компромис, но за тоа ќе се изгуби драгоцено време. „Во предвечерието на Дејтонскиот договор во 1995 година, Ричард Холбрук ги вразуми југословенските лидери со забелешката ‘No more historical lectures, gentlemen. No more bullshit’. (‘Нема повеќе историски предавања, господа. Нема повеќе срања’.) Манирите во Европската унија не дозволуваат страните да бидат третирани на толку груб начин, но од друга страна, ЕУ не може да си дозволи приемот на Западниот Балкан постојано да биде попречуван од вакви симболични несогласувања. Затоа што, замислете какви кавги се наѕираат на хоризонтот кога ќе почнат да се приклучуваат Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора! А Бугарија навистина можеше да одигра историска улога на Балканот, доколку го следеше, не примерот на Грција, туку на Франција и Германија, оставајќи го минатото зад себе“, вели во интервјуто професорот Рајмонд Детрез.