Бугарија: Коалицијата на Кирил Петков предложи влада, сега ја чека поддршката

Овој кабинет е составен од експерти, а не политички личности и би требало да владее како малцинска влада со поддршка на ПП-ДБ и ГЕРБ


 

Бојко Борисов побара, а коалицијата Продолжуваме со промената–Демократска Бугарија се согласи да ја исполни желбата на поранешниот премер. Оваа коалиција, која беше втора на изборите пред еден месе, денеска го објави составот на идната влада на Бугарија која би можела да добие поддршка од ГЕРБ за конечно државата да излезе од политичката криза. Речиси целосно предложениот кабинет е составен од експерти, а не од политички личности.

Во предложената влада ги нема двете најпознати лица од коалицијата, Кирил Петков и Христо Иванов, додека во неа би требало да биде Асен Василев како министер за финансии (како што беше и претходно). Оваа коалиција го предлага Николај Денков за премиер (тој беше министер за образование во кабинетот на Кирил Петков).

Партијата на Борисов, ГЕРБ, прва ќе го добие мандатот за составување влада, но нејзините шанси да успее се минимални, речиси невозможни. Па, вниманието на бугарската јавност е дали коалицијата ПП-ДБ како втора што ќе го доби мандатот ќе може да испорача кабинет што ќе може да владее како малцински со поддршка на ГЕРБ.

Во овој нацрт-кабинет за министерка за надворешни работи се предлага Ирена Димитрова, долгогодишен дипломат, која сега е дел од главната дирекција за политички прашања во министерството за надворешни работи. Таа беше заменик-министерка во владата на Петков, кога министерството го водеше Теодора Генчовска, номинираната од партијата Има таков народ.  

Адвокатот и правен експерт во Антикорупцискиот фонд, Андреј Јанкулов, би требало да биде министер за внатрешни работи, а за обрана Тодор Тагарев.

На денешната прес-конференција Кирил Петков изјави дека коалицијата е подготвена да не раководи со голем дел од собраниските комисии „за да може парламентот да има јасна и цврста контрола врз малцинска влада“.

Предложениот премиер, Николај Денков, изјави дека „главна задача беше да се соберат луѓе кои можат да ја реализираат програмата за управување“.

Програмата за управување има фокус од 18 месеци. Програмата на оваа малцинска влада содржи пет главни приоритети, објавени на веб-страницата на ПП-ДБ: Влезот на Бугарија во Шенген и еврозоната, борбата против инфлацијата, спроведувањето на сите одложени услови и мерки според Националниот план за закрепнување и одржливост и промена на пристапот кон изборот и финансирањето на регионалните проекти.