Бугарија ќе отпушти 30.000 луѓе од администрацијата во 2022 година


Во моментов има 250.000 луѓе или 10% од вкупната работна сила во земјата вработена во државната администрација

Државната администрација во Бугарија ќе биде намалена за 15 отсто до крајот на 2022 година, најави во неделата Асен Василев, копретседател на формацијата „Продолжуваме со промената“. Со овој потег би можело да останат без работа околу 30.000 луѓе.

Василев најверојатно ќе биде избран за вицепремиер и министер за финансии во новата влада, во очекување на одобрување на нацрт-коалицискиот договор во вторник.

Политичките формации во владејачката коалиција се „Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија.

„Однадвор изгледаше лесно како постигнавме договор, но всушност не беше така лесно. Имаше 20% разлики (меѓу партиите) кои бараа отстапки. Никој не сака четврти избори (за една година), и затоа беа направени разумни отстапки за да се разберат политиките и структурата на Советот на министри“, изјави Асен Василев за БТВ.

Тој најави дека четирите партии во идната коалиција се договориле до крајот на 2022 година да има намалување на државната администрација за 15 отсто.

Во моментов има 250.000 луѓе или 10% од вкупната работна сила во земјата вработена во државната администрација. Затоа, околу 30.000 луѓе ќе бидат отпуштени. Први ќе одат пензионерите кои продолжуваат да извршуваат функции во државната администрација.