Бугарија ќе ги заврши работите за преминот „Клепало“ дури во 2030
Патот и граничниот премин Македонија го изгради уште пред четврт век и оттогаш чека Бугарија да го заврши својот дел од работите

Како што стојат работите Македонија попрво ќе ја изгради пругата до Бугарија, отколку што бугарските власти ќе го изградат патот до граничниот премин „Клепало“ во близината на Берово.
Бугарското министерство за регионален развој и јавни работи соопшти дека патот од градот Струмјани до преминот „Клепало“ меѓу Бугарија и Македонија ќе биде готов дури во 2030 години. Патот е во должина од 21 километар.
Македонија го заврши својот дел од работите кои треба да ги поврзе Берово и Струмјани уште на карјот од минатиот век и четврт столетие чека Бугарија да ја заврши својата работа за да им го олесни движењето на граѓаните од двете страни на границата.
Но Бугарија, која со години бараше да се осовремени патот од Куманово до Деве Баир сите овие години не презеде ништо да го направи патот до „Клепало“.
Проектот со децении е болна тема за Македонија, бидејќи македонските власти го изградија патот и граничниот пункт пред четврт век. Бугарија, пак, постојано ветува дека тоа ќе го направи, но тоа не се случува. Пред две години македонската страна доби ветување дека точката ќе биде готова во 2023 година.
Сега новото ветување од бугарска страна е дека тоа ќе се случи до 2030 година. Ова е најголемиот проект за прекугранична соработка што се реализира во тековниот програмски период 2021 – 2027 година. Инвестицијата изнесува над 11 милиони евра.
Во текот на изминатава недела имаше средба меѓу бугарското министерство за регионален развој самоуправа и Министерството за локална самоуправа на Македонија.
„По четврт век започнуваме со реализација на овој долгоочекуван проект, се надевам дека во сите фази ќе биде проследен со стручност и професионалност, како и досега, и дека нема да дозволиме емоциите да го забават“ изјави бугарската заменик-министерката за регионален развој и јавни работи, Ангелина Бонева
„За мене ова е мост кој ќе станува сѐ понеопходен и важен за да ги поврзе локалните заедници од двете страни на границата на друг начин. Не случајно е избран како стратешки проект од нашата програма“, додаде таа.
На средбата учествуваа регионалниот гувернер на Благоевград, Марија Димова и Вулнет Арифи, раководител на сектор во Министерството за локална самоуправа во Северна Македонија.
Имплементацијата на проектот е поделена во две фази.
Во првата, која треба да биде завршена во 2026 година, од бугарска страна ќе се вршат подготвителни активности поврзани со планирање, проектирање и избор на изведувачи.
Во втората фаза од проектот ќе се реализираат градежните активности на инфраструктурата на граничниот комплекс. Тоа треба да биде завршено до 2029 година.
Инвестицијата е прогласена за „национален објект “ за да се обезбеди нејзино побрзо спроведување. На овој начин во Бугарија се применуваат поедноставени административни процедури.
Бројот на луѓе кои ја минуваат границата меѓу Бугарија и Северна Македонија се очекува да се зголеми од 657.000 на 722.700 луѓе годишно по пуштањето во употреба на новиот граничен премин.
Македонија со години и преку различни владејачки гарнитури бара Бугарија да го заврши својот дел од работата за граничниот премин, но никогаш досега тоа не наишло на одѕив.