Бугарија ќе ги прати во Турција генераторите што ги одби Македонија


 

Бугарија ќе ѝ ги донира на Турција трите електрични генератори кои ги најави министерот за внатрешни работи, но кои беа одбиени од македонските власти на границата.

На преминот „Деве Баир“ македонските погранични власти одбија да ги земат генератори за струја што ги најави  бугарскиот министер Иван Демерџиев за време на чествувањето на Гоце Делчев во Скопје, откако стотина граѓани од Бугарија поради прекин на системот на границата не успеаја да влезат во нашата држава.

Во понеделникот Иван Демерџиев изјави дека генераторите ќе бидат пренасочени кон Турција, каде што има поголема потреба по разорните земјотреси.

„Се надевам дека Македонија ќе најде сила и средства подобро да ја обезбеди својата гранична контрола“, рече министерот Демерџиев и додаде дека претстојат конзуларни консултации на кои се надева дека ќе учествува.

„Таму ќе ги разјасниме сите проблеми и ако можеме да помогнеме, ќе им помогнеме, но потребата во Турција е многу поакутна во моментов, се однесува на спасување човечки животи и мислам дека трите генератори ќе одат таму“, рече Демерџиев.