Бугарија ќе донира 172.500 вакцини на Бутан


Вакцините што ќе ги добие Бутан од Бугарија се на „АстраЗенека“

Бугарската влада бара начин како да пренасочи дел од своите вакцини на кои им истекува рокот на траење и една од дестинациите е хималајското кралство Бутан. Софија одлучи на Бутан да му испрати 172.500 дози на вакцината на „АстраЗенека“ за која има мал интерес во Бугарија. Трошоците за испораката треба да паднат на товар на Бутан. Двете влади и „АстраЗенека“ ги преговараат начините како вакцините законски да се префрлат на Хималите.

Бугарија купи или доби од ЕУ близу 5 милиони вакцини од различни производители, но поради малиот интерес на Бугарите за вакцинирање (досега се администрирани 1,8 милиони дози) на значаен дел од вакцините им истекува рокот на траење, па владата во Софија забрзано бара земји каде што би можела да ги донира за да не ги фрли. Дневно во Бугарија се администрираат околу 12.000 вакцини. Само 16 отсто од Бугарите се вакцинирани барем со една доза.

Бугарија на неколку пати официјално изјавуваше дека дел од „европските“ вакцини ќе ги донира на Македонија (министерот Венко Филипче дури беше и на седница на владата во Софија за таа цел), но од тоа не се случи ништо. Досега нема донирано ниту една вакцина. Едно време приватна бугарска клиника администрираше вакцини за македонските граѓани на два гранични премина, но поради скромниот интерес и тие тимови неодамна се повлекоа. Грција изминативе денови ѝ донираше на Македонија 100.000 дози од вкацината на „АстраЗенека“.

Соседот на Бугарија – Романија, кој исто така има вишок вакцини, ќе донира 100.000 дози на Виетнам. (Н.В.)