Бугарија ќе даде експертиза за животната средина во преговорите со ЕУ

Скопје и Софија потпишаа програма за заеднички активности за 2022 – 2023 година во областа на животната средина


Од средбата на претставниците на двете влади во Софија

 

СОФИЈА – Бугарија е подготвена да го сподели со македонската страна искуството во транспонирањето и спроведувањето на европското законодавство во областа на животната средина, било потврдено на вториот состанок на меѓувладината работна група со Бугарија „Европска соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација, владеење на правото“ што се одржа вчера во бугарското Министерство за животна средина и води.

Од бугарска страна на состанокот учествуваа Борислав Сандов – вицепремиер за климатски политики и министер за животна средина и води, Калина Константинова – вицепремиер за ефективно владеење, како и Божидар Бојанов – министер за е-влада. Во име на Македонија на состанокот беа Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања, Славица Грковска – вицепремиер за политики за добро владеење, Насер Нуредини – министер за животна средина и Адмирим Алити – министер за информатичко општество и администрација.

Бугарскиот вицепремиер Сандов поздравувајќи ја македонската делегација порача дека двете страни го продолжуваат дијалогот заснован на принципот на добрососедски односи. Тој ја потврди подготвеноста на Бугарија да сподели искуство во транспонирањето и спроведувањето на европското законодавство во областа на животната средина. Бугарија е подготвена да ја даде нејзината експертиза во претпристапниот процес на Македонија во ЕУ, а особено во поглавјето „Животна средина“, рече Сандов.

На работната средба, министерите Сандов и Нуредини потпишаа програма за заеднички активности за 2022 – 2023 година

Вицепремиерот Маричиќ, пак, се заблагодари за добрата соработка и рече дека оваа средба е доказ дека во услови на криза можеме да работиме заедно. „Темите на работната средба ни се многу важни и јас сум оптимист за успехот на нашата заедничка работа“, истакна Маричиќ.

Вицепремиерката Калина Константинова и вицепремиерката на Северна Македонија Славица Грковска разговараа за теми од соработката меѓу двете земји во насока на подобро владеење. Министерот Бојанов и неговиот македонски колега, министерот Адмирим Алити разговараа за можностите за соработка во областа на кибер безбедноста и дигиталната трансформација.

На работната средба, министерите Сандов и Нуредини потпишаа програма за заеднички активности за 2022 – 2023 година. (МИА)