Бугарија ја промени стратегијата за борба против короната


Смртните случаи се зголемија двојно за една недела. Ситуацијата е крајно сериозна и работите не одат во вистинската насока - рече претседателот на кризниот штаб Венцислав Мутафчиски

Владата им даде право на регионалните власти да воведат ограничувања во согласност со степенот на закана и ризикот од преполнетост во болниците

 

(Од нашиот дописник)                                                                                                Јовка Димитрова

СОФИЈА – Бугарија ја смени својата стратегија за ограничување на ширењето на епидемијата на корона вирусот, заменувајќи го сегашниот пристап за воведување ограничувања на национално ниво со локални мерки.

Причината се големите разлики во ширењето на инфекцијата, објасни главниот државен санитарен инспектор Ангел Кунчев.

Има разлики до 10 пати во најсилно зафатените делови во Плевен, Ќустендил, Враца, Бургас и Софија и во најмалку погодените области – Трговиште, Видин, Крџали и Разград.

Затоа, владата им даде право на регионалните власти да воведат ограничувања во согласност со степенот на закана и ризикот од преполнетост во болниците.

Во најсилно зафатените области, учењето на далечина ќе биде префрлено на ученици од основните и средните училишта. На некои места ќе се воведе задолжително носење маски, а големите трговски центри ќе бидат затворени. Во петте најпогодени подрачја, работното време на рестораните ќе се намали за 1 час и ќе бидат отворени до 22 часот.

Досега не е предвидено затворање на ресторани и барови, а според Кунчев, тие се во согласност со мерките и „само 1 од 100 ресторани не ги применува правилата“.

Новото затегнување доаѓа само 10 дена откако владата ги укина последните ограничувања за собирање многу луѓе, отворање ресторани и спортски сали, курсеви за обука и дозволување конференции и семинари.

Одлуката за локални мерки доаѓа во фонот на рапидно зголемување на ширењето на вирусот, полнење на болнички кревети и нагло зголемување на смртноста од ковид.

Смртните случаи се зголемија двојно за една недела, рече претседателот на кризниот штаб Венцислав Мутафчиски. Инциденцата скокна и на 395 лица на 100.000 жители за 14 дена.

„Ситуацијата е крајно сериозна и работите не одат во вистинската насока. Мора да се преземат мерки за да се спречи пренатрупаноста на болниците“, предупреди Мутафчииски.

Сепак, владата засега не планира да воведе целосна блокада и полициски час. Министерот за здравство Костадин Ангелов рече дека таква мерка ќе се преземе кога општеството е подготвено да ја прифати и да се придржува кон неа.

„Ако го стори тоа сега, нема да бидеме разбрани и нема да бидеме послушни“, рече министерот, истакнувајќи дека граѓаните не се дисциплинирани и не им веруваат на институциите.

На 11 март, во Бугарија беа идентификувани 2.774 нови случаи, што е 20,3% од земените примероци. Повеќето се во Софија, Пловдив и Варна. Во болниците има 6.395 пациенти, што е најголем број од почетокот на годината. За последната недела бројот на пациентите во болниците е зголемен за 12 отсто, а оние на интензивна нега за 11,3 проценти, на 501 лице.