Бугарија се скара и со Хрватска поради Македонија


Амбасадорката на Република Хрватска во Софија, Јасна Огњановац денеска била повикана на разговор во бугарското МНР по наредба на министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев.

Ова се случува поради изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој јавно се спротивстави на Бугарија за условите што ѝ ги поставува на Македонија за почеток на преговорите со Европската Унија.

Бугарија ја опишува изјавата на Милановиќ како неприфатлива и неоправдана.

Амбасадорката била примена во Министерството за надворешни работи од Румен Александров, генерален директор за европски прашања.

Александров ја опиша изјавата на претседателот Милановиќ како „неприфатлива и неоправдана, што е разочарувачко со оглед на не само одличниот билатерален дијалог меѓу Софија и Загреб и едногласноста за низа теми од европската и регионалната агенда, туку и од фактот дека како непосредни соседи на регионот, Бугарија и Хрватска се природно поврзани со заедничкиот интерес за реформа, стабилизирање и наскоро интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ“, соопшти бугарското МНР.

Бугарскиот дипломат посочил дека процесот на европска интеграција треба да се заснова на сопствените достигнувања на секоја земја-кандидат, истовремено почитувајќи ги основните вредности на ЕУ, вклучително и принципот на добрососедство.

Милановиќ, по завршувањето на самитот Брдо-Бриони пред два дена во својата изјава најмногу зборуваше за Македонија велејќи го и ова:

„Северна Македонија е во невозможна позиција и ние воопшто не го допревме тоа во денешните разговори и во текстот на денешната Декларација, ниту, пак, Македонците воопшто инсистираа на тоа“, рече хрватскиот претседател, објаснувајќи дека тоа се услови поставени за нив. „Тие се однесуваат на содржината во некои учебници по историја во Македонија. Хрватска и Словенија имаа многу жива и динамична врска. Словенија постави некои услови, но јас никогаш не чувствував и не видов дека Словенија сака да ѝ напакасти на Хрватска или да ја спречи, понижи. Она што официјалната политика на една членка на Европската унија и го прави на Северна Македонија сега е она што јас го нарекувам влегување во туѓото, влегување во интимен простор. Да се ​​замоли земја кандидат, која е во процес на преговори за членство, да ја дефинира нејзината национална генеза во учебниците по историја како што бара соседната држава.

Ако вашата цел е да го уништите послабиот од себе само затоа што тој е послаб, тоа никогаш не завршува добро. Тоа е една од пораките што не ги испративме денес во текстот на Декларацијата. Не сме се занимавале со работи што се од егзистенцијално значење за земјите кои сакаат да станат членки на Европската унија“, заклучи Милановиќ.

Според него, Хрватска и Словенија се тука за да им помогнат на земјите во процесот на интеграција. „Мотивот не е ниту менторство, ниту туторство, ниту кариерна или биографска компонента за кој било од нас, туку да им помогнеме на државите, бидејќи во тоа го гледаме нашиот интерес“, рече хрватскиот претседател.