Бугарија ја блокираше Македонија, но ја поддржа Албанија


Екатерина Захариева ѝ подели совети на Македонија да не се откажувала лесно од патот кон ЕУ и дека нивното вето не значело „виткање раце“

 

Бугарија денеска и официјално ја блокираше Македонија во ЕУ за усвојување на рамката за преговори, а во исто време ја поддржа Албанија, велејќи дека Тирана ги исполнила повеќето од условите.

Ова го соопшти министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на брифинг со бугарските новинари по видео-конференцијата на министрите за европски прашања и надворешни работи, јави Бугарското национално радио. Со овој чекор, Софија стави вето на првата меѓувладина конференција и ја одложи евроинтеграцијата на Македонија, барајќи од неа да направи огромни отстапки во врска со идентитетот, јазикот и да избрише дел од нејзината историја. За рамката треба да се преговара и натаму во наредните месеци. Не се знае дали некоја друга земја го поддржала чекорот на Софија.

Образложувајќи зошто Софија дала поддршка за Албанија Захариева нагласи дека земјата „ги исполни повеќето услови поставени со одлуката во март“. Захариева се повикува на одлуката на европските лидери во март (поддржана од Бугарија) за официјално одобрување на разговорите со Македонија без одредување датум.

Билатералните спорови не се дел од критериумите за членство во ЕУ или за почеток на преговарачкиот процес. Бугарија сакаше ова да се промени, барем на ниво на рамка за преговори. Според она што се знае, сите други земји од ЕУ беа против.

Захариева истакна дека предложената нацрт-рамка за преговори на Европската комисија од јули „не ги одразува барањата на Бугарија“.

Захариева ги објави трите главни услови за Софија да даде зелено светло за преговорите: „Првиот е придржување кон формулата за јазикот од 1999 година, патоказ за спроведување на договорот од 2017 година и многу јасен текст дека нема да има претензии за македонско малцинство во Бугарија. Овие услови сè уште не се исполнети“, рече министерката.

Денеска, пред почетокот на министерскиот состанок, Захариева коментираше дека „Република Северна Македонија ќе има место во Европската унија кога ќе биде подготвена. Во моментов, Бугарија не мисли дека е подготвена. Бугарија продолжува да биде поддржувач на проширувањето на членството во ЕУ и тука не станува збор некому да му се виткаат раце“, рече Захариева за БНТ.

Таа уште упати совети како македонија да не се откажувала по првата тешкотија со која се соочуваат на патот – одобрувањето на рамката за преговори. „Тешкотиите допрва следуваат, процесот не е лесен. Бугарија исто така одеше на тој начин“, додаде таа.