Бугарија има вакцинирано само 20 отсто од населението


Вакцинирање во Софија

Вакцинирањето против Ковид-19 во Бугарија се одвива екстремно бавно и таа е далеку последна на листата на земјите на ЕУ по бројот на вакцинирани лица. Вчера Европската унија објави дека стигнала до една важна граница – 70 проценти целосно вакцинирани лица со две дози во сите земји-членки. Во бројки, тоа изнесува 276 милиони вакцинирани Европејци со двете дози.

Најдалеку со вакцинацијата е отидена Малта со 90,3 отсто целосно вакцинирано население, по неа следува Данска со 83,5, Белгија со 82,9 и Португалија со 82,4 проценти.

Во Бугарија има целосно вакцинирани луѓе со две дози само 20 отсто, според податоците на европската здравствена агенција, а 21,8 проценти со една доза. Бугарија плати и доби 5,14 милиони дози вакцини, а од нив запрепастувачки 2,85 милиони не се искористени. Ваквото бавно темпо на вакцинацијата во Бугарија, според пишувањето на тамошните медиуми, се должи на силното антиваксерско расположение во земјата, но и многу слабата организација на имунизацијата.

Во последните 24 часа во Бугарија се регистрирани 2.053 нови случаи на ковид, а починаа 56 лица. Вчера биле аплицирани само 13.494 вакцини. Во болниците се хоспитализирани 3.738 лица, од кои 324 на интензивна нега.

Бугарија сериозно заостанува и зад претпоследната на списокот – Романија, каде што две дози се вакцинирани 31,9 отсто од граѓаните. На Балканот најмногу вакцинирани со две дози има Грција – 63,4 отсто.