Бугарија: Има таков народ условува – или нашата влада или нови избори


Никој во моментов не знае каква ќе биде разврската на политичкиот ќор-сокак во Бугарија и по изборите одржани во неделата. Вчера лидерот на партијата Има таков народ, Стансилав (Слави) Трифонов, најави преку Фејсбук дека се откажува од владата што ја објави во понеделникот на чело со Николај Василев (член на кабинетот на царот) и дека денеска ќе го објави новиот состав, но од тоа не се случи ништо.

Вториот човек на партијата, Тошко Јорданов, на прес-конференција изјави дека новиот кабинет ќе биде предложен „многу скоро… кога ќе дојде времето“, но не кажа кога точно. За идната среда е закажана конститутивната седница на новиот парламент. Според Јорданов, сега одговорноста паѓала на двете други протестни партии, Демократска Бугарија и Исправи се! Мутри надвор!, кои треба да одлучат дали ќе го поддржат кабинетот на ИТН.

„Ако предложениот од нас нов кабинет не добие поддршка и не биде изгласан, одиме на избори. Во моментов не преговараме со никого. Дали е малцинска влада или коалициска влада на малцинството е сеедно. Ние решивме да ја преземеме одговорноста“, рече Јорданов. Тој упати критички стрели кон ДБ и Исправи се!…, велејќи ако не ја поддржат нивната влада тогаш нека се договореле со лидерите на ГЕРБ, БСП и ДПС.

Несудениот премиер, Николај Василев, беше дел од прес-конференцијата и тој, меѓу другото, изјави дека испраќањето на бугарски и македонски астронаути во вселената во мисија на НАСА останувало приоритет.