Бугарија го отфрли ултиматумот на Русија

Крајниот рок што го постави Москва помина, дали ќе ја затвори својата амбасада во Софија


Руската амбасадорка во Софија Елеонора Митрофанова

 

Бугарската влада нема да го исполни ултиматумот на руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова и нема да го преиспита отповикувањето на 70 руски дипломати. Рокот даден од амбасадата беше до петок во 12 часот по локално време. Митрофанова се закани дека во спротивно ќе го затвори дипломатското претставништво.

„Нема да дозволиме странските дипломати да ѝ даваат ултиматум на бугарската држава до 12 часот“.

Ова во видео порака го изјави премиерот Кирил Петков. Во последните денови тој беше во епицентарот на случајот откако беше обвинет од БСП, ИТН и претседателот дека самостојно ја донел одлуката за протерување на дипломатите. Премиерот во оставка негираше и објасни дека за тоа се разговарало на Советот за безбедност на владата.

Во петокот ГЕРБ соопшти дека целосно го поддржуваат протерувањето на руските дипломати, иако тоа е направено на аматерски начин. Поранешниот премиер Бојко Борисов повика да не се повлече, бидејќи тоа би значело губење на суверенитетот.

Вицепремиерката Корнелија Нинова (БСП) инсистираше на промена на позицијата. Таа во парламентот побара да се исполни ултиматумот на Митрофанова и побара претседателот да го разреши првиот човек на тајната служба ДАНС, Пламен Тончев, бидејќи протерувањето на дипломатите е врз основа на контраразузнавачки извештаи.

Поради ултиматумот на Митрофанова, во четвртокот до доцните вечерни часови во Народното собрание заседаваше претседателскиот совет. На него присуствуваше министерката за надворешни работи во заминување Теодора Генчовска, како и раководството на ДАНС.

По сослушувањето, Генчовска (министерка од квотата на ИТН) најави дека очекува инструкции од премиерот како да постапи по нотата од Митрофанова. На прашањето дали има докази дека сите 70 лица кои морале да ја напуштат државата работеле против интересите на Бугарија, Генчовска одговори дека во МНР биле примени само „имиња со лични податоци“. „Нема извештај, има две писма со списоци потпишани од претседателот на ДАНС“, објасни таа.

Претседателот на парламентарнта група на Има таков народ, Тошко Јорданов, изјави дека Кирил Петков прави хаос во државата затоа што си заминува од власт.