Бугарија ги отвора рестораните и училиштата пред изборите


Министерот за здравство изјави дека Бугарија го достигнала врвот на третиот бран, но само во последните 24 часа починаа дури 208 лица

Сопствениците на рестораните се незадоволни – тие претпочитаат да останат затворени и да добиваат помош од државата отколку да постават неколку маси на тротоарите

 

(Од нашиот дописник)                                                                                                                                                               Јовка Димитрова

СОФИЈА – Бугарската влада донесе одлука за ублажување на ограничувањата за Ковид-19, иако болниците се полни и експертите очекуваат врв во наредните денови. Ова се случува шест дена пред парламентарните избори в недела, на кои владата на премиерот Бојко Борисов се надева дека ќе победи.

Во Бугарија на 1 април ќе се отворат театри, музеи, галерии и спортски сали, а на 5 април градинки. Рестораните ќе можат да работат на отворено од петок, отворајќи тераси и поставувајќи столови на тротоарите. Големите продавници кои се затворени ќе можат да отвораат штандови на отворено. Враќањето на учениците во училиштата ќе започне на 12 април.

„Се надеваме дека сме на највисоката точка на врвот на третиот бран“, рече министерот за здравство Костадин Ангелов, најавувајќи олеснување на мерките.

Сепак, од почетокот на март се пријавуваат повеќе од 4.000 нови случаи дневно, а 9.679 лица се лекуваат во болници. Рекорден број на луѓе се на единиците за интензивна нега – 752.

Според министерот Ангелов, одлуката на властите е поврзана со мало намалување на бројот на хоспитализирани. Во вторникот, тој беше помал за 160 лица, но со 208 починати во последните 24 часа.

Откако главниот здравствен инспектор Ангел Кунчев во понеделникот рече дека се очекува ширењето на инфекцијата да достигне врв во наредните денови, министерот за здравство денес изјави дека веќе е достигнат.

На прашањето зошто се отвораат ресторани и спортски и културни објекти и продавници, Кунчев рече дека околу 1,5 милиони Бугари се веќе заштитени од вирусот, или затоа што го заразиле или затоа што биле вакцинирани.

Сепак, според официјалните податоци, околу 265.386 лица заболеле од Ковид-19 и само 90.327 лица примиле две дози вакцина, а 355.220 – само една. Пациентите во моментов се 67.864.

Изненадувачки, сопствениците на ресторани и кафулиња кои протестираа кога владата ги затвори пред две недели, не се задоволни од отворањето. Според нивните претставници, само приходот од работата на терасите и масите на отворено нема да биде доволен. Затоа, тие претпочитаат да останат затворени и да добиваат отштета од владата.

Според најновите анкети на јавното мислење, во пресрет на изборите, ГЕРБ води во преференциите на гласачите со 18,4% во однос на Социјалистичката партија со 15,7%. ВМРО е на седмото место и се чини дека не може да ја надмине бариерата од 4 проценти за влез во парламентот со 2,7 отсто од преференциите на гласачите.