Бугарија: ГЕРБ во сигурно водство, покажа анкетата на „Галуп“
Бугарија се движи кон уште еден состав на парлементот во кој тешко ќе биде избрана влада поради речиси истиот распоред на партиите кои се обележани како оние за статус-кво и другите за промена. Тоа го покажува новата анкета на „Галуп“ објавена денеска.
Според неа, 22,5 отсто од гласачите би гласале за ГЕРБ, а 15,1% за Бугарската социјалистичка партија. Уште четири партии сигурно влегуваат во парламентот – формацијата „Продолжуваме со промената“ има поддршка од 13,4, Има таков народ 12,2, Демократска Бугарија 11,2 и партијата на Турците, ДПС, 10,8 отсто. Блиску до четирипроцентниот праг е „Исправи се. БГ! Ние доаѓаме!“ со 3,7 отсто. Патриотско-националистичките партии, според оваа анкета, немаат никакви шанси да влезат во парламентот.
„Галуп“ ја спровел анкетата за Бугарското национално радио според принципот лице в лице на 1.007 испитаници, со маргина на грешка од +/-3,1 отсто.
Ситуацијата е појасна во делот од истражувањето за претседателските избори. Таму сегашниот претседател Румен Радев доминира со поддршка од 51,2 отсто, што значи дека изборите би ги добил уште во првиот круг. Зад него се Анастас Герџиков со 22,5, Мустафа Карадај со 7,9 и Лозан Панов со 6,2 проценти.
Но од „Галуп“ изјавуваат дека е тешко да се предвидат резултатите поради драматичното влошување на ситуацијата со пандемијата на короната во последната недела и стравот од зараза, како и гласањето со машини. Агенциите за истражување велат дека е тешко да се направи проценка колку луѓе ќе излезат на изборите и како ќе бидат распределени гласовите.