Бугарија: ГЕРБ и ПП-ДБ ќе ја делат власта со ротациски премиери

Мандатот на владата ќе биде 18 месеци. Првите девет месеци премиер ќе биде Николај Денков од ПП-ДБ, а следните девет Марија Габриел од ГЕРБ


 

Изгледа дека политичката криза во Бугарија е на пат да се разреши со тоа што двајцата лути политички противници ќе се најдат во иста коалиција во проект за владеење од 18 месеци.

Откако стана извесно дека мандатарката Марија Габриел нема да може да обезбедни мнозинство во парламентот ГЕРБ и коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија пронајдоа модалитет како Бугарија да добие редовна влада. Двете формации се договорија Габриел денеска да го врати мандатот кај претседателот Румен Радев, а вториот што ќе го добие Николај Денков од ПП-ДБ да биде основата за формирање влада.

Таа влада би траела 18 месеци со мандат да се изведат повеќе неопходни уставни измени (особено таа за главниот обвинител) и да се исполнат обврските зададени од ЕУ. Во првите девет месеци премиер би бил Денков, а Габриел вицепремиерка и министерка за надворешни работи, а потоа да ги заменат местата.

Тоа официјално го соопштија Марија Габриел и Николај Денков. Двајцата дадоа заедничка изјава во собранието, не одговарајќи на ниту едно новинарско прашање.

Од нивните зборови стана јасно дека во првите девет месеци министер-претседател ќе биде Николај Денков, а Марија Габриел ќе биде вицепремиер и министер за надворешни работи. Кога ќе истече овој мандат, повторно за 9 месеци таа ќе биде премиер, а Денков ќе и биде заменик.

Набргу по објавувањето на договорот за „ротациски премиери“, Марија Габриел му го врати мандатот на Радев, кој претседателот му го даде на ГЕРБ.

Од ГЕРБ и ПП-ДБ има и декларации со слична содржина, во кои тврдат дека поддржуваат сличен тип на кабинет. Посочуваат дека приоритет е ставен на спроведувањето на уставните реформи со широка парламентарна и јавна поддршка, како и на исполнување на сите барања за влез на Бугарија во Шенген и во еврозоната.

Секој премиер ќе поднесе оставка по девет месеци, двете пратенички групи ќе гласаат и ќе ги поддржат предлозите на другата формација за следен премиер.

Промените на првичните кадри и структура на владата ќе се прават само со договор на двете страни.