Бугарија: ГЕРБ чекори кон победа, а ВМРО кон излегување од парламентот
Ако се остварат анкетите по неделните избори во Бугарија само шест партии ќе влезат во парламентот, од кои три немаат свои пратеници во досегашното свикување на Народното собрание. Партијата на премиерот Бојко Борисов, ГЕРБ, и натаму е во сигурно водство пред Бугарската социјалистичка партија (БСП), покажува најновата анкета на агенцијата „Маркет линкс“, направена за БТВ. Според анкетата, 22,8 отсто од оние што ќе излезат на гласање ќе се определат за ГЕРБ, додека 18,1 за БСП. Тоа е конфорна предност во последната недела на кампањата, но е далеку од резултатот што го освои ГЕРБ пред четири години. Тогаш ГЕРБ освои 32,7 проценти.
После овие две најголеми партии, според анкетата следува новата десничарско-популистичка партија Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов со 12,7 отсто, па партијата на турското малцинство ДПС со девет проценти. Зад нив се другите две нови партии – Демократска Бугарија со 7,5 отсто и Исправи се, мутрите надвор со 4,5 отсто. Под прагот од четири отсто е ВМРО на Красимир Каракачанов со 3,3 проценти.
Доколку се остварат резултатите и на денот на изборите следниот бугарски парламент ќе биде шаренолик и ќе биде потребно да се прават нови коалиции наместо досегашните.
Епидемијата, која со својот трет бран силно ја зафати Бугарија, може да има големо значење на исходот на изборите, затоа што дури 30 отсто од испитаниците сметаат дека гласањето треба да се одложи. Поради зголемениот број инфекции и смртни случаи и бавниот процес на вакцинација намален е бројот на оние што се изјасниле дека ќе излезат на изборите – пред еден месец 51 отсто велеа дека ќе гласаат, а сега тој број е намален на 46. Во бројки тоа изнесува 350.000 гласачи помалку.
Во анкетата спроведена кај 1.026 лица од 18 до 25 март се оценуваше и довербата спрема институциите. Собранието има најголема недоверба кај граѓаните – дури 69 отсто. По него следуваат владата со 64 и судскиот систем со 53 отсто. (Н.В.)