Бугарија е прва во Европа по употреба на антибиотици
Бугарија е прва не само по употребата, туку по резистентноста на бактерииите од премногу антибиотици. За време на пандемијата на ковид антибиотиците масовно се давале
Бугарија е на првите две места во Европа и по употреба на антибиотици и по нивоа на антимикробна отпорност. Ова ја носи Бугарија и на врвот по смртност поради некои тотално отпорни бактерии: ешерихија коли и клебсиела пневмонија. Овие податоци денеска ги соопшти Ива Христова, директорка на Националниот центар за инфективни и паразитски болести.
Бугарските медиуми јавуваат дека Во однос на употребата, Христова изјави оти при употребата на некои антибиотици Бугарија е на второ место, но за повеќето е на прво место во Европа. „Односно, ја надминавме дури и Романија во однос на широката употреба на антибиотици, а главно во амбулантска нега. Постои директна врска помеѓу употребата на антибиотици и нивото на антимикробна резистенција и во овој поглед сме исто така на прво или второ место во Европа, во зависност од тоа за кој микроб зборуваме“, објасни таа, опишувајќи го трендот како „многу загрижувачки“.
„За жал, за време на пандемијата ковид, додека во другите земји потрошувачката на антибиотици нагло опадна бидејќи се работи за вирусно заболување, кај нас беше препишан по еден макролиден антибиотик по глава на жител. Нашата потрошувачка е неколку пати поголема отколку во Западна Европа, што исто така доведе до резистентност“, истакна Христова.
Таа наведува нова публикација од октомври годинава во научното списание „Лансет“, според која највисока стапка на смртност поради тотално резистентна ешерихија коли и клебсиела пневмонија има во Бугарија – 7,29 на 100.000 за ешерихија коли и 4,59 на 100.000 за клебсиела пневмонија.
Христова ги презентираше и податоците од извештајот на Европскиот центар за контрола и превенција на болести, според кој отпорноста на сите бактерии се зголемува, но во највисок степен за ацинетобактерија – 43% и за ентерококите – 14-20%. Христова прецизираше дека ацинетобактериите се бактерии во болничка средина и многу тешко се уништуваат.