Бугарија: Цената на еден купен глас за изборите стигна до 50 евра


 

Цената на еден купен глас сега е околу 100 лева (50 евра), изјави за Нова ТВ заменик-главниот секретар во МВР, Станимир Станев. На претходните избори се споменуваа различни суми, но најчесто се споменуваше цената од 50 лева за глас. Високата инфлација очигледно се одрази и на овој пазар.

Високиот полициски службеник раскажа и за една од најчесто користените шеми за масовно купување гласови – на фирми блиски до општините им се доделуваат одредени градежни активности, тие остваруваат добивка и дел од таа добивка се издвојува за купување гласови. Повеќето општини во земјата се под контрола на ГЕРБ и партијата на Турците ДПС.

Полицијата од 19 август регистрирала 449 кривични дела, поведени се 194 кривични предмети. Во четвртокот беше започната национална операција која е директно поврзана со парламентарните избори.

Пред една недела лидерите на листите на БСП во северозападна Бугарија испратија отворено писмо до министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев во врска со купување гласови.

Тие тврдат дека има докази „за брутално, нескриено и безгрижно подготвување на избирачки списоци“, делење пари и „распределба на територии“.