Бугарија бара од ЕУ точен датум кога ќе биде примена во Шенген

Според Румен Радев, влегувањето во Шенген било многу важно за бугарското достоинство


 

Бугарите се нестрпливи и бараат од ЕУ да им гарантира кога ќе биде точниот датум за прием на државата во шенген зоната. Претседателот Румен Радев го определи тој датум како октомври 2023.

„На пат сме да постигнеме точен рок за прифаќање на Бугарија во Шенген, кој ќе биде неповратен. Имаме сѐ поголема поддршка и убеден сум дека ќе бидеме примени најдоцна до октомври. Секако дека ќе направиме сѐ за да го забрзаме овој рок“, изјави денеска Радев пред новинарите во Брисел, каде што присуствува на последниот Европски совет за годинава.

Но има еден проблем што треба да се реши за да се стигне до тоа. Радев вели дека собранието најдоцна до крајот на јануари мора да ги донесе законот за регулирање на барањето одговорност на главниот обвинител и законот за антикорупција.

Австрија и Холандија ги блокираа Бугарија и Романија да влезат во Шенген од 1 јануари 2023 на 8 декември. Аргументот на Австрија беше дека двете земји пуштаат премногу илегални мигранти во Централна Европа без да ги регистрираат при влез на нивната територија, како што налагаат европските правила. Виена верува дека на двете земји им е потребна помош за подобро да ги чуваат надворешните граници на ЕУ. Холандија немаше забелешки за Романија и гласаше само против Бугарија – поради недовербата од Хаг во примената на владеењето на правото.

Според Радев, влегувањето во Шенген било многу важно за бугарското достоинство. „Ова најмногу е поврзано со нашето достоинство и заземањето заслужено место во европското семејство“, рече шефот на државата. Тој вели дека за прв пат Бугарија има поддршка од речиси сите земји членки и од сите европски институции.

Холандскиот премиер Марк Руте за бугарските медиуми изјави дека одговорот на неговата земја останува непроменет. „Не велиме ‘не’, туку ‘засега не’ “, појасни Руте и потсети дека Хаг бара уште една проценка од Европската комисија за владеењето на правото во Бугарија. „Се надевам на одлука околу летото, јас сум оптимист“, додаде Руте.