Бугарија бара дозвола од ЕУ за да донира вакцини на Македонија


Бугарија испратила барање до Европската комисија дали може да донира или да продаде вакцини на земјите од Западен Балкан. Министерот за здравство, Стојчо Кацаров, рече дека одговорот од Брисел се очекувал до утре. Планот на Софија е вакцините да бидат испорачани на Македонија, Косово, Албанија. Според информациите, се работи за 150 илјади вакцини.

Во Бугарија сега има доволно вакцини, но интересот за вакцинирање и натаму е мал. Во седуммилионската нација досега има аплицирано 1,4 милиони вакцини, а со две дози се вакцинирани 586 илјади лица (нешто над осум отсто).

Според неодамнешните најави на македонскиот министер за здравство, Венко Филипче, Бугарија треба да донира 50.000 вакцини за нас. Бидејќи во Бугарија има најмал интерес за „АстраЗенека“ веројатно дека тоа ќе бидат вакцините кои ќе бидат донирани на Македонија и другите балкански земји. Бугарија очекува до крајот на годината да добие околу 14 милиони дози вакцини.