Буџетскиот дефицит во 2025 ќе се сведе на 2,1 отсто од БДП, најавува министерот Бесими

Од следната година буџетскиот дефицит ќе се намалува, за до 2025 година да се сведе на 2,1 проценти или под Мастришкиот критериум. Предвидена е консолидација на буџетскиот дефицит, но приоритет е да се реализираат политиките на владата за заштита на здравјето на граѓаните и на заштита на економијата, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на дебатата на МТВ за Буџетот 2021, на која учествуваат и претседателот на Владата Зоран Заев и економски експерти.

-Имаме неколку цели кои се ургентни – едната е здравјето на граѓаните, понатаму економијата да се одржи и третото е сите други процеси кои се важни вклучително на евроинтеграциските процеси и водење на правото, потоа инвестирањето во човечки ресурси кои ои ќе бидат двигатели на долгорочниот раст, рече Бесими.

Министерот за финансии посочи дека фискалната консолидација ќе се изврши преку дејствување и приходната и на расходната страна. Од аспект на подобрувањето на наплатата на приходите во буџетот Бесими ги посочи мерките за намалување на сивата економија, за спречување и сузбивање на корупцијата, понатаму зајакнати инспекциски контроли од страна на Управата за јавни приходи, мерки за наплата на даночниот долг од страна на поединци и трговски друштва и стратегија за даночна политика која ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на даночниот систем.

Во однос на намалувањето и реструктуирањето на расходите, Бесими посочи дека ќе се спроведе преку кратење на неприоритетните и несуштинските трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор, иновациите и зајакнувањето на конкурентноста, како Гарантниот фонд и фондот за мобилизација на приватен капитал, рационализација и ревидирање на трансферите и субвенциите (социјалните, секторските и локалната власт), големување на ефикасноста на реализација на капиталните расходи и анализа на буџетската структура.