Буџетот за 2018: ВМРО-ДПМНЕ за дното, СДСМ за криминалите


Ова треба да ви биде завршна сметка за освестување, ѝ порача опозицијата на власта на комисиската расправа за завршната сметка на Буџетот за 2018. Не можете да се соочите со историски најниската невработеност од 17,8 отсто и со нерасчистени криминали уште долго ќе останете опозиција, врати Костадин Костадинов од СДСМ. Во атмосфера на пресликани дневнополитички препукувања помина уште една расправа за реализацијата на најважниот документ за трошење на парите на граѓаните.

Завршната сметка ја образложи заменик-министерката Ширет Елези, затоа што формални нема министер за финансии посочувајќи дека се собрани 97,9 отсто од планираните приходи, што е за 4,9 отсто повеќе од претходната година. Расходите се реализирани со 95 отсто од планот. За капитални проекти биле потрошени 65,6 проценти од ребалансираниот буџет.

„Ништо од ветувањата не остваривте. Секаде каде што требало да се инвестира во изградба, на пример во социјални станови, се реализирани нула проценти. Водовод за Визбегово – нула. Во делот на подрачните единици на Министерството за земјоделство -5,94. За разлика од администрацијата во многу министерства каде што се реализирани планираните пари и до 99 проценти“, кажа претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Лилјана Кузмановска посочувајќи дека има слаба реализација и потфрлање на капиталните инвестиции и во патната инфраструктура, образование, здравство и социјалата а истовремено расте јавниот долг. – Разочарувањата кај граѓаните понатаму ќе бидат уште поголеми. Но, до каде ќе оди дното, јас не знам, а сакам да престане за да не се срамиме. Сугарески и Заев сами кажаа дека само во 2018 ќе започнат 60 патни правци. Во вашата програма стои дека најмногу за две години од доаѓањето ќе се изгради нов клинички центар во Битола. Дојдовте на власт ништо не остваривте, само имате сомнителни тендери. Ја направивте целокупната атмосфера дека ВМРО-ДПМНЕ има криминали, вие за две години направивте ‘ршум, граѓаните не знаат на кој да веруваат“, рече Кузмановска заклучувајќи дека како што тргнало опозицијата сигурно ќе дојде на власт.

За законското решение со кое на општините им се одобруваат буџетски средства за да се раздолжат, Кузмановска посочи дека има информации за реакции од поголем број бизнисмени кои биле повикувани и им се кажувало дека ќе им биде вратен долгот само ако нешто дадат во интерес на одредена структура или одредени луѓе.

„Не може веќе да се прават импровизации затоа што ЕУ нè следи“, укажа Кузмановска.

Реагираше Костадинов:

Зборувате за јавен долг, а се знае кој ја задолжи државата. Колеги од опозицијата знаете со колкави каматни стапки сте ги земале кредите од државата, со 10 отсто и сега критикувате зошто земаме кредит со камата од 2,7 отсто. Тоа е успешно менаџирање со работите, тоа се пари за инфраструктурни проекти, за регионални патишта, за автопати. Па има ли посмешно од тоа да проектираш автопат, а да оставиш бандери на среде автопат. За разлика од вас, мораме да ги тргнеме сите пречки што сте ги оставиле и да ги довршиме тие што се стратегиски “, рече Костадинов.

„А еден ваш проект да почневте, само еден“, му викна од клупа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, а меѓусебните препукувања продолжија за тоа кој вложувал, а кој со години ги деградирал Струмица и граѓаните.

„Покрај тоа што го рехабилитиравме патот Штип-Радовиш, правиме и нов експресен пат. Одиме на Струмица-Берово, Берово-Виница. Отвораме граничен премин Клепало. Патувајќи низ државата, може да се види дека се работи на над 60 патни правци, таму е механизацијата. Појдете, видете и после дебатирајте“, реплицираше Костадинов потврдувајќи дека опозицијата треба да биде прв критичар на власта, но, како што рече, без да шири лажни вести и да ги манипулира граѓаните.