Буџетот влезе во собраниска процедура, препукувања на релација власт-опозиција


Жесток старт, со постојани дофрлувања, започна денешната расправа за предлог буџетот за 2020 година во матичната Комисија за финансирање и буџет.

Расправата почна со излагањето на министерката Ангеловска која застана во одбрана на буџетот, за кој вели дека е скроен реално и чија цел е инвестиција во човечкиот капитал, бидејќи целта на владата е најдобрите лекари и наставници да ги задржи во земјата.

Таа тврди дека проекцијата има развојна компонента, која ќе придонесе за подобра конкурентност на стопанството, а со тоа ќе се зголеми бројот на вработени во приватниот сектор.

„Сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните. Сакаме да нема деца надвор од системот на згрижување. Сакаме подобрениот животен стандард да го почувствуваат сите граѓани. Овој буџет е фокусиран на инвестициите во човечкиот капитал затоа што како земја сме исправени пред најголемиот предизвик: како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови за живеење и како да придонесеме да бидат посреќни и помотивирани на своите работни места. Во 2020 година сериозно ќе инвестираме во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто во подобри услови за живот на сите наши граѓани“ – изјави Ангеловска.

Додека за власта буџетот за 2020 година претставува инвестиција во човечкиот капитал и е реален и развоен, опозицијата обвинува дека буџетот не е развоен туку социјален и популистички. Тие тврдат дека доколку наместо во капитални проекти се инвестира во квази решенија, како што се зголемување на платите или МојДДВ, тоа ќе предизвика долгорочни реперкусии врз буџетот.

Буџетот е најрасипнички и најкоруптивен и претставува класичен потпкуп на граѓаните пред избори, обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ на правиот ден од расправата за буџетот на собраниската комисија за финансирање и буџет.

„Одговорно тврдам дека ова е популистички буџет, предизборен буџет, со кој се потценуваат граѓаните, затоа што се она што не можевте да им го дадете, а ветивте со покачување на плати во образование и здравство, покачување на пензии го правите сега предизборно. Но треба да им кажете дека ја жртвувате економијата“, рече Лилјана Кузмановска, ВМРО- ДПМНЕ.

Од ВМРО ДПМНЕ сметаат дека државниот буџет власта го гледа како буџет на јавно претпријатие и со него прави што сака.

„Ова не е ни приближно вложување во човечки капитал туку класичен пример за буџет кој ќе служи за поткуп, уцени и корупција на гласачите. Заев и Нина Ангеловска во услови кога го зголемуваат буџетот за 200 милиони евра, наместо да ја покачат ја намалуваат ставката за капитални инвестиции за 43 милиони евра.“,вели Мицевски.

Од ВМРО ДПМНЕ најавија дека доколку победат на следните предвремени парламентарни избори ќе направат веднаш ребаланс на буџетот. Меѓу другото, спорно за нив е тоа што сумата која се одвојува за капитални инвестиции процентуално и номинално е помала од сумата која беше предвидена. Расправата за буџетот ќе трае и во следните девет дена.

Владата до година планира да потроши 3,9 милијарди евра, а да собере од 3,6 милијарди и да се задолжи 1 милијарда евра.

Покрај раст на платите во здравството и образованието, ќе растат и пензиите. Проектирано е БДП да порасне 3,8 проценти, а буџетски дефицитда изнесува 2,3 проценти

Денеска е прв ден од комисиската расправа по предлог буџетот за наредната година. Поднесени се вкупно 393 амандмани, од кои најголем дел се од ВМРО-ДПМНЕ. Расправата пред комисијата може да трае најмногу 10 работни дена, а потоа пратениците на пленарна седница ќе се изјаснат за предлог буџетот.