Буџетот стабилен, државата финансиски ликвидина, вели премиерот Заев


Буџетот е стабилен, во добра кондиција, а државата е финансиски ликвидина и солвентна. Во иднина не само што може да издржи, туку и граѓаните треба да сметаат на својата земја, рече вечерва премиерот Зоран Заев.

-Зборувам за работниците, компаниите, за социјално ранливите категории, за сиромашните, за сите на кои им трерба помош. Пакетот што го донесовме веќе неколку пати е дополнет, а во иднина по Нова Година ќе има и петти пакет. Суштината е економијата да живее, напомена Заев во гостување на ТВ Сител.

Според него, еден дел од компаниите работат добро и профитабилно, како маркетите, аптеките, фармацевтската дејност. Најпогодени се тие што со уредба беа затворени, угостиелски објекти, пазари, превозници и таму државата помага дополнително од мерката 14.500.

-Буџетот во октомври од данок на добивка, данок на личен доход и ДДВ има 102 отсто исполнетост во споредба со октомври 2019-та. Тоа го кажувам за луѓето да знаат дека Буџетот е стабилен. Во септември имаме пет отсто пад. Генерално Буџетот паѓа, но е стабилен. Направивме екстензивен буџет за да вбризгаме пари. Во последниот пакет ги помагаме општините, комуналните претпријатија, дополнителни 10 – 12 милиони евра се за капитални инвестиции на локално ниво, истакна премиерот.