Буџетот на МВР за 2023 зголемен за шест проценти на 182,7 милиони евра


Фото; Б. Грданоски

 

Предлог-буџетот за МВР за 2023 година е зголемен за шест проценти и ќе биде 182, 7 милиони евра. Основната цел на предлог Буџетот 2023 е да се обезбеди понатамошно системско реформирање на полицијата, преку етаблирање на принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста, како еден од круцијалните фактори за просперитет на државата, информираа на денешната прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, оценувајќи го овој Предлог-буџет како развоен.

Темелот на нашиот безбедносен систем, нагласи Ковачевски, е добро подготвена и добро опремена полиција и затоа Владата во 2023 година го зголемува буџетот на МВР.

– Како Влада создаваме ефикасна и одговорна и модерна полиција, чувар на редот и законот, чувар на демократијата. Затоа и годината што е пред нас без разлика на предизвиците коишто ги наметнува енергетската и економската криза нема да запреме со редовна исплата на плати и бонуси на полицајците, со купување на нова опрема, нови средства за работа, рече премиерот.

Тој најави дека ќе продолжат и инвестициите во реновирање и реконструкција на објектите каде работат полициските службеници и останатите служби на МВР. Потсети дека во три наврати досега по пет проценти Владата ги зголеми платите на сите вработени во МВР, а покрај редовната исплата на плати редовно се исплаќаат и предвидените додатоци.

И во овој Предлог-буџет, нагласи Ковачевски, е планирана ставка за исплата на бонус плати за 2022 година за остварени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво.

– Владата реши и еден голем проблем што беше и на штета на буџетот и на штета на полицајците. Со години наназад на полициските службеници бонус платите, не им се исплаќаа, за што тие со право поднесуваа тужби за остварување на своите права, а државата од буџетот плаќаше отштета. Затоа Владата предводена од СДСМ ја смени таа несоодветна практика. Досега се исплатени заостанатите неисплатени бонус плати и редовно продолжуваме со исплаќање на истите за 2017, 2018, 2019, 2020 и 2021 година, најави премиерот.

Во Предлог-буџетот на МВР за 2023 година издвоени се средства и за обуки и едукација на полицајци и стручно усовршување во земјата и во странство за уште подобри и поуспешни резултати во работењето. Предвидени се средства и за набавка на нови униформи за новите кадети за полициски службеници.

– Средства се планирани и за набавка на нов најсовремен систем за идентификација на траги од папиларни линии, од прсти и дланки со кои ќе се надогради ефикасноста на Одделот за криминалистичко-техничко испитување и вештачење, дигитализација на форензика, надградба на безбедносни системи со кои превентивно ќе се делува на одржување на јавниот ред и мир во државата, како и заштита на животот и личната сигурност на имотот на граѓаните. Сето тоа ќе влијае на намалување на криминалитетот, а зголемување на ефикасноста во истрагите за повеќе видови на сообраќајни прекршоци, но тоа ќе значи и модерна, опремена, стручна и ефикасна полиција, рече премиерот Ковачевски.  Меѓу другото, се осврна на тоа дека досега се реконструирани 78 објекти, најголем дел енергетско ефикасни.

Со исто темпо ќе продолжи и понатаму. Веќе се отпочинати подготовки за реконструкција на Центарот за обука во Идризово, а продолжува и целосната реконструкција на управните служби во зградата на Националната радио телевизија.

– Овој предлог Буџет е показател дека можеме и мораме уште поинтензивно да ги засилиме напорите за подинамично реформирање на министерството и негово целосно сообразување со стандардите и нормите на современите и квалитетни европски и светски полициски практики, порача Спасовски, издвојувајќи неколку побитни работи кои обезбедуваат развојна линија на МВР, во приоритетните области кои како раководство ги поставивме пред шест години.

Преку реализацијата на проектираниот буџет на МВР, пред нас се две основни цели, нагласи Спасовски, првата е продолжување на воспоставениот концепт: полицијата – сервис на граѓаните.

– Нашата цел е продлабочување на партнерството меѓу граѓаните и полициските службеници што ќе продолжи да произведува уште поефективни резултати за безбедноста и сигурноста, за одржување на јавниот ред и мир, како и за заштита на материјалните добра на граѓаните. Како дел од проектите од кои директен бенефит ќе има заедницата е продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, со кој досега опфативме завидна бројка од 78 комплетно реконструирани објекти, најголем дел енергетско ефикасни, во насока на енергетски заштеди и зачувување на животната средина, рече Спасовски.

Имено, дел од средствата во делот Капитални расходи се наменети за целосна реконструкција на Центарот за обука Идризово. Со оглед на фактот што годишно во овој Центар посетуваат обука во просек по 600 кандидати, најави министерот Спасовски, само за основна обука за полицаец и по уште толку припадници на МВР и други сродни државни институции во рамки на континуираните обуки, овој потфат ќе значи не само подобрување на условите за работа на вработените во Центарот за обука, туку инвестирање во образовна институција која редовно подготвува нови генерации на кандидати кои ја избрале полициската професија за животен повик, но и колеги кои веќе работат, а се надградуваат по различни основи.

Спасовски ја спомена и целосната реконструкција на Одделот за граѓански работи – Управните служби на МВР, која практично претставува лицето на МВР, со оглед на фреквенцијата на граѓани кои во неа ги остваруваат граѓанските правата и должности.

– За илустрација, годинава низ неа поминале над 913.000 граѓани само за издавање на лични, патни документи и возачки дозволи. Притоа, со реализацијата на оваа реконструкција ќе се промени и концептот на функционирање во насока на нашето воспоставениот концепт – Полицијата – поблиску до граѓаните. Односно, ќе има еден отворен и полесно пристапен концепт за сите граѓани, а со тоа и побрза реализација на бараните услуги. И, секако, дел од средствата наменети за капитални проекти се планирани за изградба на Полициската станица Аеродром, што значи градба на сосема нов објект димензиониран согласно потребите на општината, при што конечно ќе се напушти сегашната барака од времен карактер во која оваа станица функционира над 22 години. И во овие три објекти ќе бидат имплементирани мерки за енергетска ефикасност, со што очекуваме актуелните заштеди на електрична енергија од 30 проценти, посочи на прес-конференцијата Спасовски.

Најави дека во многу скоро време ќе ја пуштат во употреба и новата зграда на Форензичкиот центар, како најсовремена лабораторија на Балканот, а предвидени се средства за набавка на најсовремен автоматизиран систем за идентификација на отпечатоци за потребите на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења.

– Предлог Буџетот е проектиран да овозможи продолжување со надградба на системите за видео надзор со кои располага МВР (SafeCity), па со веќе модернизираниот видео надзор на објектите на МВР, ќе обезбедиме заокружен систем од современо и функционално техничко решение, кое значително ја олеснува постапката во полициското работење, го зголемува степенот на генералната безбедност во државата, го намалува криминалитетот и ја забрзува постапката за реакција во реално време за службите, рече Спасовски.

За зголемување на ефективноста на службите, планирана е и набавка на девет возила за потребите на Одделот за обезбедување на лица и објекти, како и 20 интервентни комбиња за потребите на Униформираната полиција. Со ова, истакна министерот за внатрешни работи, се заокружуваат капиталните расходи планирани во буџетот за 2023 година.

Втората основна цел на овој развоен буџет е продолжување на востановената заложба за создавање модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција. Полиција, рече Спасовски, која на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе продолжи одлучно и неселективно да се справува со организираниот криминал и корупцијата и успешно да работи на превенцијата од сите криминогени и други противуставни дејствија.

Во делот на Стоки и услуги во предлог Буџетот на МВР за 2023, во текот на 2023 година ќе се заокружи и модернизацијата на последниот хеликоптер од флотата на Хеликоптерската единица за полициски намени.

– Секако, по инвестираните над 10 милиони евра за набавка за униформи за припадниците на сите организациони единици на МВР во претходниов период, во 2023 година предвидовме средства за набавка на униформа за новите кандидати за полициски службеници, но и обуки, едукации и стручни усовршувања на полицијата, најави Спасовски.

Меѓународните активности што ги имавме во претходниот период, а посебно изборот на Северна Македонија да биде земја домаќин на 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ во 2023 година, потенцира Спасовски, го потврдуваат фактот дека за релативно кус временски период успеавме нашата држава да ја поставиме високо на агендата на многу европски и, воопшто, меѓународни организации и политичари.