Будалите немаат рогови
Дилемата дали прво избори, па уставни промени и преговори со ЕУ е лажна и опасна. Сето тоа што се користи како аргумент за неопходноста од избори е содржано во преговорите. Тоа што нема да почне, нема ни да заврши.
Сите прават анкети, па си реков ај и јас да направам едно испитување на јавното мислење. Избрав 2.695 луѓе не по случаен, туку по строго намерен личен избор. На тоа се одлучив бидејќи во демократијата, особено при избори, двајца будали повеќе вредат од еден паметен.
Поставив само четири прашања, на кои можете и вие да одговорите. Првото прашање е дали будалите имаат рогови? Добив фантастичен резултат, сто отсто, 2.695 одговори се НЕ, немаат рогови. Второто прашање: дали будалите се познаваат по тоа што зборуваат, пишуваат и како се однесуваат? Повторно сто отсто ист одговор, овојпат ДА. Будалите се познаваат по тоа што зборуваат, пишуваат и како се однесуваат. Трето прашање: дали тие што им веруваат на будалите се поголеми будали, и тука одговорот е стопроцентен со ДА. Тие што веруваат се поголеми будали. И четвртото прашање: дали по ваквите три одговори може да се заклучи дека тие кои ги мислиме будали всушност биле паметни, а ние сме будалите? И овојпат сите 2.695 со ист одговор ДА, ептен сме биле будали што сѐ уште им веруваме, иако постојано успеваат да нѐ излажат.
Како тоа изгледа во нашето секојдневие на конкретни случаи. Секој ден има стотици примери во достигнување на сѐ повисокото ниво на нашата постојана повеќедецениска убиствена предизборна кампања која направи каша-попара од луѓето. Овојпат избрав еден еклатантен чудесен пример на врвен популизам на убаво пакување на промени во празна кутија.
Петардата експлодира посилно од бомбата
На јавна трибина во Струга во предизборната кампања, кога и да се одржат изборите, озаглавена како „Важно е!, од тебе зависат промените“, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, партиски експерт за европско-македонски односи, прилично загрижен, со сугестивно траорен глас, им вели на луѓето „најмалку пет големи европски држави, членки на ЕУ, се против тоа Македонија да ги почне преговорите со Брисел“.
Аууу, каква трагедија… микрофоните, камерите се тука да обзнанат дека петардата експлодира посилно од бомба. Заклучокот сам се наметнува: па што се мачиме бре како грешници да исполнуваме туѓи ултиматуми и да се понижуваме, кога, еве, цела Европска унија нѐ излажала, како многупати досега, дека преговорите што веќе се одобрени од сите држави членки и почнати, ќе продолжат ако се исполни единствениот услов – Бугарите да влезат во македонскиот устав како и сите други делови од народи што живеат во Македонија.
Епа, еве, не било така. Николоски најдобро знае, Брисел му е како џебот. Човекот таму ги дознава од прва рака работите, многу е близок со највисоките бриселски функционери кои му шепнале дека „џабе предете“, пет големи и највлијателни земји се против Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, па затоа не ја притискаат Бугарија да попушти. Проблемот е во големата корупција и во организираниот криминал, а не во Бугарите. Види мајката, значи корупцијата и криминалот се најголемите закани за иднината на Македонија. Николоски тоа велемајсторски го разјасни. Демек,и порано се зборувало за корупција, веројатно мисли кога владеел ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Но, тогаш само се зборувало. А сега? Е, сега е нешто друго. Сега од портир и шалтерски службеник до премиер – сѐ е корумпирано. Сите крадат. Аплауз.
Што треба да сфатиме ние будалите?
Ние будалите треба да сфатиме дека штом ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, веднаш престанува корупцијата, а преговорите со ЕУ автоматски ќе почнат. Кога Александар Николоски нешто тврди, нема што да се сомневаме и да истражуваме кои се тие пет големи европски земји кои велат дека Македонија не заслужува да ги почне преговорите со ЕУ, а за членство воопшто не треба да ни да помислуваме.
Николоски ни дава и помош да откриеме кои се тие пет земји, па таинствено вели една од тие не е Германија. Аааа, значи тоа се Франција, Холандија, Шведска, сигурно, а натаму бирајте меѓу Полска, Унгарија, Данска, Италија, Шпанија, Романија… Можете да направите какви сакате комбинации, но навистина нема потреба кога Николоски нешто соопштува. Ако тој ги кажеше кои се тие пет земји, ќе беше непријатно да се соочува со деманти. Вака ние треба сами да погодуваме.
Треба малку да се чукнете по глава за да ви текне дека бадијала ќе ги ставиме Бугарите во Уставот кога преговорите ќе бидат блокирани и од други, многу повлијателни земји. Бадијала ги усвоивме и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Единствен излез е да одиме веднаш на парламентарни избори за Македонија да ги продолжи преговорите штом ќе дојде на власт чесна влада да ја води државата. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е докажана политичка партија која нема ниту една коруптивна и криминална и рекетарска афера во своето 16-годишно владеење со Македонија во изминатите 32 години. Тоа си е револуционерна партија, која кога е на власт демократијата цути и ги достигнува своите највисоки дострели и успеси во ловот на предавници, непријатели и странски агенти, корумпирани новинари и редакции. Ете затоа, европските лидери на најмоќните земји толку силно ќе ја притиснат Бугарија, што не ќе може да мрдне од место и веднаш не само што ќе почнат вистинските преговори, туку и ќе завршат експресно.
И тоа не е сѐ. Порано, пак веројатно за време на просветната демократија на ВМРО-ДПМНЕ, луѓето се иселувале од Македонија како гурбетчии, од економски причини во потрага по корка леб, ја разјаснува големата енигма Николоски. Сега луѓето бегаат од татковината оти нема ни ред ни поредок, владее општ грабеж и јадење на супстанцата на државата. На тоа треба да се стави крај. Навистина е важно! Ептен.
Го земав за пример Александар Николоски како врв на популизмот и манипулациите, иако овие укажувања и уште најмалку десетина други во речиси сите области на квалитетот на живеење на граѓаните, на нивниот стандард, здравствената заштита, образованието, владеење на правото, корупцијата и организираниот криминал, иселувањето… се присутни и се рак-рана на државата во целиот период на независноста. Можеме да чукаме празна слама колку сакаме за тоа кој повеќе крадел и лажел, но резултатот е тој што го имаме пред себе. Тогаш, во што е измамата и големата лага со која и натаму се манипулира јавноста, за жал прилично успешно?
Најтешко домашното вето
Лагата е во домашното вето, најтешко и најголемото велепредавство на националните и државни интереси со попречување на преговорите со ЕУ. Уставните измени се маргинализираат како 13. прасе пред набројаните проблеми како лажни адути за избори. Сето тоа изгледа прилично објективно за да наседнат и оние кои ги разбираат работите и се определени за евроатланските интеграции. Преговорите, всушност, ги содржат решенијата кои се предмет на манипулациите.
И организираниот криминал и високата корупција, владеењето на правото и правосудниот систем и економските реформи, изградбата на современа инфраструктура, повисокиот стандард на населението, образованието, здравството, земјоделството, културата, екологијата, демократските процеси, медиумите и уште цела низа сериозни и тешки обврски стојат пред Македонија во ерата на преговорите со ЕУ, без можности за отстапки и гледање низ прсти.
Затоа преговорите по најоптимистичката проценка ќе траат од седум до десет години, а нешто пореалната прогноза би била од 10 до 15 години, за барем донекаде да се сведат сите аномалии на едно подносливо ниво, кое нема да ја разорува Македонија. Тоа без поддршка и на ЕУ, не само финансиска, туку и искуствено, не е можно, а особено не е можно ако во самата држава нема консензус кој гарантира дека ќе нема попречување на сложените и тешки реформи кои треба да се извршат во, историски гледано, краток период. Затоа времето на преговори е најтежок период, но и најзначаен.
Искуствата со сите земји кои биле кандидати за членство во ЕУ кажуваат дека државите најдобро функционирале за време на преговорите, дури и подобро отколку по зачленувањето на некои земји во Унијата. Она за што треба да се подготвува јавноста во Македонија е фактот дека проблемите нема да престанат ни за време на преговорите, ниту по членството во ЕУ. Не треба да се идеализира Европа, како станица на која престануваат сите маки и тешкотии, туку треба да се одработи тоа што ќе означува почеток на една нова ера на европеизација на Македонија и обезбедување на подобра иднина на новите генерации.
За тоа најдобар пример се новопримените членки во ЕУ, мислам на посткомунистичките земји. Некои од нив прескокнаа векови, а сите до една имаа извонреден напредок ако се споредува на какво ниво беа пред тоа. Европеизацијата е процес кој трае многу подолго од преговорите за членство. Сѐ уште, членките кои не припаѓаат на стара Европа имаат проблеми со европеизацијата за што се потребни повеќе децении, а некаде и векови.
Без да почнат преговорите годинава влегуваме во сериозен ризик да се изгубат повторно напразно 20 до 30 години, со што Македонија влегува во неизвесност за својата иднина. Тоа што нема да почне, не може ни да заврши. Затоа, дилемата дали прво избори па уставни промени и преговори со ЕУ е лажна и опасна. Сето тоа што се користи како аргумент за неопходноста од избори е содржано во преговорите. Тој натпревар – кој побрзо ќе ги спроведе реформите и ќе има успех во преговорите – треба да ја добива поддршката на јавноста да ја води државата. Паролата „Важно е!“ во суштина треба да се однесува на почнување на преговорите со ЕУ, а не за избори. Од тоа нема ништо поважно.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)