Бучковски во Софија: Историјата не можеме да ја промениме, треба да мислиме на иднината


Првите разговори на специјалниот претставник на Владата, Владо Бучковски, во Софија изгледа дека покажуваат оти губењето на довербата меѓу двете земји е отидено предалеку и дека тоа ќе биде приоритетот за наредниот период. Бучковски разговорите со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева денеска ги почна со тет-а-тет средба со неа, а потоа се придружил и државниот секретар во македонското МНР, Зоран Попов.

На прес-конференцијата потоа, на која повеќе зборуваше Захариева, и двајцата се согласија дека клучот за подобрување на односите меѓу двете земји е враќање на довербата.

„Заедничката историја не можеме да ја промениме ниту јас ниту госпоѓа Захариева. Но може да ја промениме работата во инфраструктурата, заедничките капитални проекти, посилната соработка во образованието, науката и културата и зближување на двата народа“, рече Бучковски. Тој нагласи дека негова задача ќе била да го координира исполнувањето на Договорот за добрососедство, „но не во делот од историјата“.

Бучковски верува дека ја увериле министерката Захариева оти Македонија е решителна да го имплементира Договорот и дека за тоа се бараат инструменти. „Дали тоа ќе биде патна карта, патоказ… но убедени сме дека тоа ќе биде алатка каде што ќе ги мериме достигнувањата во периодот што претстои“. Тој исто така рече дека е задоволен што Бугарија го смета неговото назначување како чекор за враќање на довербата.

„Се согласивме дека во наредниот период треба повеќе да се фалиме со сработеното, со дела, отколку со празни зборови“.

Захариева, која забележливо издишувајќи се, бараше да ги најде вистинските зборови за блокадата, зборуваше прва, велејќи дека она што се случи во Брисел не било вето. Таа ги повтори познатите ставови на Софија за нивната постапка; еднострано блокирање на историската комисија, административни пречки за бугарскиот бизнис и забавувањето на Коридорорт 8.

„Бугарија покажува желба за преговори. Но треба да престане антибугарската кампања во Македонија и во меѓународните организации“, рече Захариева. Според неа, таа се покажала неприфатлива за нив, но и непродуктивна.

„Чекор по чекор треба да ја враќаме загубената доверба. Како и во последниве два месеци, така и денес ви подаваме рака“, нагласи бугарската министерка за надворешни работи.

По овие нивни изјави Бучковски си замина од прес-конференцијата, а Захариева остана да одговори уште на неколку прашања на бугарските новинари, па нагласи дека „за да бидеш дел ид европското семејство треба да бидеш пријател со неговите членови“.

Владо Бучковски треба да се сретне и со премиерот Бојко Борисов, вицепремиерот Красимир Каракачанов, а и со претседателот на државата Румен Радев. (Н.В.)