Буча како Сребреница: Цивилите врзувани и ликвидирани


 Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко  ја обвини Русија дека во Буча, која штотуку е ослободена од украинските сили, се најдени мртви тела по улиците и масовна гробница со скоро 300 лица. 

„Она што се случи во Буча и другите предградија на Киев може да се опише само како геноцид. Тоа е брутално воено злосторство за кое е одговорен Путин. Тие ги врзаа рацете на цивилите и ги ликвидираа.  После ова има само една можна последица: ниту еден цент од Германија или остатокот од светот не треба повеќе да оди во Русија. Тоа се крвави пари што убиваат луѓе. Веднаш воведете ембарго за нафта и гас“, рече Кличко за германски „Билд“. 

Сличен повик за воведување на построги санкции на Твитер упати и шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба.  Тој објави и видео со тела на убиени луѓе по улиците на Буча. Дури Буча ја нарекоа „нова Сребреница“. 

Од вчера Буча е под контрола на украинските сили, а руските војски се поттиснати, но сликата која ја затекнаа таму е сраотна.Олексиј Арестович, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека голем број жители биле пронајдени убиени на улиците на Буча и киевските предградија Ирпин и Хостомел во нешто што изгледало како „сцена од хорор филм“. Некои луѓе беа застрелани во главата и им беа врзани рацете, а некои тела покажаа знаци на тортура, рече Арестович. Имаше и пријави за силувања, рече тој.

Еден ден претходно, новинарите на АП беа сведоци како украинските војници отстрануваат најмалку шест тела од улица во Буча со кабли, за да се заштитат од евентуален експлозив што го оставаат руските сили  пред нивното повлекување. 

Наводите за напади врз цивили за време на руската инвазија на Украина треба да се истражат како воени злосторства, изјави британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, додавајќи дека Обединетото Кралство целосно ќе го поддржи секој таков потег на Меѓународниот кривичен суд.

„Заедно со присилното повлекување на руските трупи, гледаме се повеќе докази за шокантни дејствија на напаѓачите во малите градови како Ирпин и Буча“, вели Трас во соопштение во врска со населбите во близина на Киев.

„Нивните неселективни напади врз невини цивили за време на нелегалната и неоправдана инвазија на Украина мора да бидат истражени како воени злосторства“, додава Трас.

Русија негира дека имала за цел цивили и ги отфрли наводите за воени злосторства во Украина.

Францускиот министер за надворешни работи Жан – Ив Ле Дриан исто така ги осуди дејствијата извршени од руската армија врз цивилите во неколку украински градови, особено во Буча, и повика „одговорните да бидат судени и осудени“.

„Читав извештаи за масовни злосторства извршени од руските сили во украинските градови што ги окупираа во последните недели, особено во месноста Буча. Најостро ги осудувам таквите дела кои претставуваат, доколку бидат потврдени, воени злосторства“, вели министерот Жан Ив Ле Дриан во соопштение.

„Ќе работиме заедно со нашите партнери, украинските власти и надлежните меѓународни судови, особено Меѓународниот кривичен суд, за да се осигураме дека овие дела нема да останат неказнети и дека одговорните ќе бидат судени и казнети“, додава тој.