Брзите тестови за корона вирусот не се препорачуваат од СЗО

СЗО е исклучиво фокусирана на тестови за вирусологија и молекуларна дијагностика, бидејќи тоа е препорачан метод за идентификација на случаи со зараза. Серолошки тестови, како оние што се користат за испитување на имунолошкиот одговор на лицето кое се тестира, но не и на честичките на самиот вирус – како оние тестови кои се прават во некои приватни болници и лаборатории – моментално не се препорачани од СЗО за детекција на Ковид-19 и не се вклучени во во спецификациите за тестови, кои се одобрени од СЗО.

Ова го истакна шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах, која истакна дека улогата на брзите тестови за антитела и за детекција на антигени на Ковид-19 се уште е предмет на евалуација и не се препорачуваат од страна на СЗО за клиничко дијагностицирање и се уште се чека за повеќе докази за перформансите на тестовите и нивната корист.

-СЗО може да ги надополнат нивните насоки штом повеќе информации станат достапни во врска со лабораториски тестови за Ковид-19. Според сегашните упатства на СЗО, тестирањето на тие со симптоми или оние кои имале контакт со заразен со Ковид-19 е дел од главната стратегија за контрола на појавата и ширењето. Сомнителни случаи треба да бидат дел од скрининг за вирусот со тестови за засилување на нуклеинска киселина (NAAT), како РТ-ПЦР. Тој е всушност направен за да го детектира самиот вирус, она што ние го викаме антиген. Со него може да се измери вирусното оптоварување или бројот на вирусите во еден примерок. Тоа значи дека само преку тестирање на вирусното оптоварување преку ПЦР ние ќе знаеме дали некој е заразен и има активна болест и кога некој е излечен, нагласи Тавилах.

Вели дека со брзите тестови не може да се направи разлика меѓу некој кој само што бил инфициран и кој е се уште заразен по два до 14 дена од инфекцијата или се работи за стара инфекција од порано.Според Тавилах  со брзи тестови не е можно да се каже кои се активни случаи кои треба да се во изолација и за кои треба грижа или за кои не треба тоа.

-Во оваа ситуација, и лажни позитивни резултати и лажни негативни резултати не се од помош ниту на лицето ниту пак за јавното здравје и напорите кои се прават да се заштити за да се запре ширењето на инфекцијата од едно лице на друго, вели Тавилах.

Нагласи дека брзите тестови исто така може да покажат и вкрстена реактивност со други вируси и не се доволни за да се даде дијагноза.

-СЗО не ги препорачува. Еден или повеќе негативни резултати не ја исклучуваат можноста од постоењето на инфекција со Ковид-19 вирусот, додаде таа.

Вели повеќето земји ги следат препораките на СЗО кои се вклучени во стратегијата на организацијата за лабораториско тестирање за Ковид-19, објавени на 22 март и упатствата од 19 март.

-Тоа е дел од дефиницијата за известување за потврдени случаи на Ковид-19, која се доставува до СЗО, и може да се направи само во лабораторија за вирусологија. Комерцијални и некомерцијални серолошки тестови даваат вкрстена реактивност на други коронавируси. И затоа нивната способност за да се даде дијагноза се става под знак прашалник. Како што реков, овие тестови се уште се во фаза на развивање, нагласи Тавилах.

Потенцира дека е потребно повеќе за да се добие точен тест. -Соодветна обука и мерки треба да бидат исполнети, како на пример квалитетот на примерокот, употреба на контролите, дали примерокот бил земен подоцна или порано од инфекцијата и дали со примерокот било ракувано соодветно како и дали бил соодветно транспортиран, појаснува шефицата на канцеларијата на СЗО за МИА.

Во врска со тоа дали Лабораторијата при Институтот за јавно јавно здравје е соодветно опремена за откривање на Ковид-19, Тавилах вели дека таа е единствената во моментов, која е веродостојна.

– Не само заради тестирањето, но и бидејќи директорот на лабораторијата е компетентна личност и е консултант на СЗО за седум земји во регионот. Исто така, тесно соработува со Центарот за контрола на болести во Атланта. Неодамна, лабораторијата беше признаена од страна на СЗО и Центарот за контрола на болести како национална лабораторија за заразни болести после 12 години на подготовки, обуки, опремување и напорна работа, додава Тавилах за МИА.