Брзиот автобуски превоз во Скопје е заложник на политиката

Скопје нема наскоро да добие брз автобуски транспорт, затоа што откако две години градоначалничката Данела Арсовска го држеше во фиока проектот, сега советниците не даваат дозвола за почеток на изведбата.
На вчерашната седница на Советот на Град Скопје, советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и советникот од Зелен хуман град, Горјан Јовановски не гласаа за негово имплементирање. Само 19 советници гласаа „за“.
На советниците од ВМРО-ДПМНЕ им смета што овој проект не бил дел од програмата на Арсовска „За модерно Скопје“.
„За да одлучам дали и како ќе гласам барам одговори дали Арсовска репреговараше и ги надмина надостатоците на проектот, дали е истиот проект на Шилегов, дали автобусите ќе возат на гас, ЦНГ или ќе бидат електрични. Дали ќе се гради нов мост Обединети Нации и од каде ќе се најдат пари, дали ќе се уништи средишното зеленило, дали ќе се уништи паркот во Ново Лисиче, дали ќе се формира ново јавно претпријатие?“, праша советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски.
Заменик-градоначалникот Александар Трајковски го бранеше проектот, но не успеа да ги наговори советниците да го поддржат.
Во образложението на предлог-одлуката се вели дека на Скопје му е потребно воспоставување урбан концепт за организација на јавниот превоз на патници со надградување на сегашниот систем на јавен превоз.
– Подобрувањето на квалитетот на јавниот превоз не е само дел од транспортната политика, туку и важно прашање од општествен аспект. Анализите покажуваат дека значаен дел од населението не поседува автомобил или возачка дозвола, а алтернативните начини за транспорт не се економични за подолги релации (велосипед или авто-такси превоз). Брзиот автобуски превоз (бас рапид транзит) може да обезбеди подобри услуги за граѓаните, нудејќи високо ниво на удобност, пократко време на патување и сигурност. Со користењето на овој превоз, жителите ќе можат да стигнат до посакуваната дестинација (работно место, здравствени институции и сл.) навремено и удобно, при што ќе можат точно да го планираат своето време, а воедно и ќе се придонесе за намалување на загадувањето на животната средина – стои во образложението.
Со воведувањето на овој превоз треба да се намали и сообраќајниот метеж, да се зголеми капацитетот на јавните паркиралишта, но и да се овозможи преадаптација на просторот наменет за моторен сообраќај во простор за пешаци и велосипеди на територијата на Град Скопје.
Сепак, проектот е гломазен, предвидува две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици.
Делницата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, предвидено е да се поминува за околу 30 минути. Меѓу станиците се постигнува брзина на движење од 50 километри на час.
Градоначалничката Данела Арсовска на почетокот од месецов најави дека ќе го реализира проектот за Брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, иако веднаш по стапување на функцијата пред две години рече дека нема да го прави, поради што и го стопираше тендерот за изградба на проектот.
Собранието уште во 2021 година го донесе Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по договор за заем за финансирање на проектот. Според овој Закон, државата склучи Договор за заем со ЕБОР и Проектен договор со Град Скопје. ЕБОР одобри заем од 70 милиони евра за реализација на проектот, пари кои две години „лежат“ неискористени и се чека да започне реализацијата на проектот за БРТ.