Брзата пруга кон Солун е најголем приоритет на државата, вели Николоски
Изградбата на брзата пруга на Коридoрот 10 е најголем приоритет за државата. Ќе ја почнам и ќе ја изградам во два мандати. Овој проект е исклучително важен од економски апсект и ќе овозможи земјава да фати чекор со светот, наместо да остане слепо црево, рече вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во гостувањето во емисијата „Само интервју” на Канал 5, Николоски потенцира дека не е против изградба на пруга кон Бугарија.
„Не сум против изградба на пруга кон Бугарија, но нема да се гради по траса која е неизводлива, прескапа и на начин со обиди на корупција врз мене и претседателот на Владата, што јавно беше истакнато“, нагласи министерот во врска со третата фаза од пругата кон Бугарија. Но тој не кажа како ќе функционира пругата која ќе се изгради до Крива Паланка и оттаму нема да води никаде.
Според него, брзата пруга Скопје – Солун ќе значи развој на државата во целина зашто покрај пругата, може да се градат потенцијално економски зони кои како поевтин транспорт би го користеле железничкиот.
„Проектот кон Солун би не чинел поевтино од пругата кон Бугарија, некаде по километар меѓу 6 до 10 милиони евра, што значи ако Македонија има околу 215 километри пруга од Табановце до Гевгелија, тоа би значело некаде од 1,6 милијарди до 2,1 милијарда евра да се изгради пруга со две линии“, истакна Николоски.
Тој најави дека во текот на утрешниот ден на состанокот на министри на ЕУ во Будимпешта, ќе се сретне со министрите за транспорт од Грција, Србија, Унгарија и Австрија, каде меѓудругото фокус тема на разговорите ќе биде и изградба на брзата пруга на Коридор 10.
Во врска со уставните измени и односите со Бугарија, тој рече дека не е чесно да се градат политички кариери со притисок за уништување на еден народ.
„Доколку сака, ЕУ може да го реши проблемот со нас и тоа да го стори за едно претпладне или попладне, многу посилни држави од нас ги клекнале на колена. Што правиме со 14-те пресуди од Стразбур што се однесуваат на македонското малцинство, а Бугарија не сака да ги имплементира? Треба да се согласат за уставните измени со одложено дејство. Што им менува на Бугарите дали сега ќе влезат во Уставот или за неколку години?“, рече Николоски.