Брзата помош се поднови со 12 возила

Шест нови амбулантни возила доби Итната медицинска помош во Скопје, а уште шест, односно по едно, ќе добијат службите во Струга, Дебар, Кичево, Крушево, Крива Паланка и во Берово. Станува збор за вкупно 12 возила што ги набави Министерството за здравство, а министерот Венко Филипче рече дека отворени се да набават уште возила бидејќи останале неискористени 200.000 евра од предвидени 500.000 евра за оваа намена. Со ова не е ставен кај на проблемите во службите на Итната медицинска помош бидејќи хронична болка со години е недостигот на кадар. Периодов ќе се распишат конкурси за прием на медицински сестри и млади лекари, најави министерот, кој подвлече дека пристапиле кон систематско решавање на проблемите, а еден од нив бил бројот на возилата.

„Со овие шест возила сега практично капацитетот се зголемува за сто проценти. Значи, се додаваат шест на веќе постојните само шест кои функционираа за територијата на Скопје. Има и сериозен недостиг на лекари и медицински сестри, така што во периодот што следува ќе се распишат конкурси за прием на медицински сестри, а следните недели ќе се распишат и огласите за прием на млади лекари кои се лиценцирани, а кои во моментот се невработени. На тој начин значајно ќе се надополни и бројот на доктори кои работат во оваа служба“, рече Филипче.

Директорот на Здравствениот дом-Скопје, Злате Мехмедовиќ, смета дека со новите возила и со новите вработувања значајно ќе се зајакне службата. Секое возило, според него, значи плус шанса за да им се излезе во пресрет на граѓаните и нивните потреби кога е загрозено нивното здравје и живот. Потребни се 75 тимови од лекари и медицински персонал за службата да понуди квалитетна здравствена заштита.

„Седумдесет и пет екипи е нашиот таргет кој треба да го поставиме за да имаме квалитетна здравствена заштита на ниво на служба на Итна медицинска помош. Во наредниот период нè очекува многу работа. Веќе се прават измени во Законот за здравствена заштита кои ќе доведат до можност младите лекари шест месеци платено да работат во службата. Со тоа ќе се решат дел од проблемите во однос на кадровската екипираност. Останатиот дел од проблемите ќе го решаваме со конкурси кои ќе ги распишеме во наредниот период за да можеме да ја доекипираме службата“, посочи Мехмедовиќ.

Возилата од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, најавени претходно, треба да се префрлат во владение на Министерството за здравство со одлука на Владата. Возилата ќе се користат само за транспорт на пациенти, а за пренамената што треба да се направи Министерството ќе распише тендер. „Независен“ неодамна објави дека по 10 илјади евра од комбе би чинело доопремувањето и пренамената на осумте комбиња, а проценката ја направи Секторот за медицинска опрема.

Иако досега требаше да биде готова, сè уште е во изработка физибилити-студијата која треба да покаже дали јавно-приватно партнерство, како модел на функционирање, може да се примени за Брзата помош. По нејзината изработка, ќе следуваат анализи и дебата. Фирмата што беше избрана на тендер да ја изработи физибилити-студијата не ги собрала сите потребни податоци, па затоа побарала продолжување на рокот, да ја изработи студијата, за што со Министерството склучила анекс-договор.

„Не е готова физибилити-студијата. Економскиот оператор што го доби тендерот побара продолжување на рокот за уште два месеца, што завршува во јуни. Врз основа на таа физибилити-студија, која јавно ќе ја објавиме, ќе направиме јавна дебата за да видиме дали тоа е добра опција“, додаде Филипче.

Тендерот за изработка на физибилити-студијата и анализата на можностите и капацитетите на услугата Брза помош и домашна посета, со цел изнаоѓање најдобар модел за воспоставување јавно-приватно партнерство, го доби Друштво за вештачења, консалтинг и обуки „Басме-КТ“ ДОО Скопје.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер

 

 

 

 

 

 

 

loading...