Бровина им се извинува на граѓаните на Косово: Фотографијата од силување не е од војната

По испитувањето во полиција, пратеничката на владејачката Демократска партија, Флора Бровина им се извини на граѓаните на Косово, посебно на жените кои биле жртви на сексуално насилство и на нивните семејства.

Таа изјави дека можеби се работи за фалсификуван документ кој е злоупотребен околу 2003 година кога и бил предаден додека ја извршувала функцијата, претседател на Комисијата за исчезнати личности. Таа порача и дека точноста на документот ќе ја потврдат државните органи.

„Еден активист ми го предаде документот во плико и рече дека можам да го употребам и дека личноста е жива. За ова беше сведок и потпретседателката  на Комисијата за исчезнати лица, Мевлуде Сарачи. Никогаш не сум помислела дека некој може да ми донесе неточни документи. Поголемиот дел од силувањата во Косово имале слични ситуации, па затоа не верував дека овој документ е неточен, рече Бровина.

Објавувањето на фотографијата од страна на Бровина, а потоа и сомневањата за нејзината автентичност предизвикаа бурни реакции во косовската јавност, со обвиненија на сметка на ПДК дека ги злоупотребува жртвите на војната и му нанесува штети на Косово во настојувањата за расветлување на злосторствата извршени од српската држава во последната војна.

Неколку косовски медиуми објавија дека фотографијата е веројатно сцена од порнографски филм, пронајден на интернет-сајтови во Ирак, кои го користат како пропаганден материјал за да ги обвинат американските војници за наводно силување на ирачките жени.

 

 

loading...