Бројот загинати од торнадо во Тенеси се зголеми на 22

Од торнадото кое изутринава, по локално време, го погоди Тенеси, загинаа најмалку 22 лица, повеќемина се повредени, а околу 50 илјади домаќинства и бизниси останаа без струја. Урнати се десетици згради, помали аеродроми и хангари.

Загинатите се во четири најпогодени окрузи: Дејвидсон (во Нешвил), Путнам, Бентон и Вилсон. Торнадото се појавило во Камден, мало гратче на 160 километри западно од Нешвил.

-Имаме мртви насекаде во државата, изјави Бил Ли, гувернер на Тенеси. Покрај утврдената смртност од торнадото, укажа дека се уште не се знае точната бројка и дека многумина се водат за исчезнати.

Во државата е прогласена вонредна ситуација.

Аеродромот и железничките линии во Нешвил се во прекин.

Торнадото го наруши и денешното гласање кое е запрено во многу избирачки места. Тенеси е една од 14. држави каде денеска, на „супер вторник“ се избира номинација за претседателски кандидат од Демократската партија.

Засега, ова е едно од најразурнувачките и најсмртоносни торнада во овој дел на САД, откако лани истото време во округот Ли, Алабама, од стихијата загинаа 23 лица.

Во наредните денови во посета на Тенеси треба да дојде претседателот на САД, Доналд Трамп.