(Фото, видео) Бројот на жртви од поплавите во Евија се зголеми на петмина, двајца исчезнати


Имаме петмина мртви, од кои тројца се удавија обидувајќи се да се спасат, рече заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас и додаде дека две лица се исчезнати во поплавите на островот Евија, јави допсничката на МИА од Атина.

-Во овој момент, официјално, од информациите што ги имаме, пет наши сограѓани починаа, а двајца се исчезнати. Истрагата продолжува од дом во дом, рече Хардаљас, кој од утрово е на островот и одржува состаноци со локалните власти.

Објасни дека прогнозата била за 63 милиметри дожд за 24 часа, а според последното мерење, врнежите достигнале до над 350 милиметри.

Како што претходно објави МИА, меѓу жртвите од поплавите е и осуммесечно бебе, додека пак Противпожарната служба на Грција интервенирала во спасување на 55 лица, од кои осум биле спасени со хеликоптер.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку негвиот официјален „Твитер“ профил изрази длабока жалост и сочувство до семејствата на загинатите, додаде дека континуирано се информира за текот на спсувачката акција и за предизвиканата штета и најави дека утре ќе го посети погодениот регион.